ВИТОЛИШТЕ – срцето на Мариово

„Далеку во мариовските ридишта, заградено од сите страни со дабова и борова гора, на дното на некогашното езеро се распрострело мариовското централно село Витолишча“. Вака го започнува својот роман „Крпен Живот“ писателот Стале Попов.

Понатаму тој продолжува…„Легендата кажува дека многу одамна, а кога — не се знае, живееле долу крај реката Црна во селиштето Разлог тројца браќа: Раде, Гале и Вите... Прибирајќи ги есено време коњите, Вите видел убави орници со богата паша, па една есен си направил нешто меќанец — колипка — во полите на овие високи планини, презимувал, а пролетта си ги дотерал и овците и говетцата. Така: Вите се заселил во оваа котловинка и ги удрил темелите на сегашното Витолишча; по неговото име го добила името и самата населба“.

Така Стале Попов, преку животот на семејството Сукаловци, во овој роман ни објаснува како се живеело на времето во ова село, толку живописно што си помислуваш дека и ти си таму, со нив, некаде од страна и ги набљудуваш, сакаш да им помогнеш кога имаат мака, да се израдуваш со нив кога се весели или да си починиш и помуабетиш на пауза, кога сакаат да пододморат од аргатската работа. 

А за минатото на селото може да зборуваме уште многу. Може да се вратиме поназад во времето. Некаде во XV – XVI век, кога во Витолиште живееле 100 – 200 семејства. Или во записите на Јордан Хаџи Константинов – Џинот од XIX век, каде стои дека тука имало преку 200 населени куќи. Или за време на Првата и Втората Светска војна, кога ова село била важна стратешка локација на Германците, па дури имало и написи со германски имиња на некои од улиците. Минато во кое селото имало училишта, анови, цркви, манастири, преполно сретсело, деца, свадби и крштевки. Село кое било седиште на царската управна власт и во кое живееле преку 2000 луѓе.

Минато во кое селото имало живот.

Денес Витолиште е на истото место. Со истите куќи, сега разрушени и распаднати. Распостелено на падините од Козјак планина, на надморска висина од 830 метри, педесеттина километри од Прилеп, како најјужна точка на прилепско Мариово и последната гранична точка од кавадаречкиот дел. Денес нема деца, нема свадби, не може да ги сретнете на чешма секогаш дотераните мариовки, со далеку познатата мариовска носија. Ќе видете по некој старец или старица, жедни за муабет, како со тага во очите Ви раскажуваат за своите најблиски кои се преселиле низ Европа, Америка, Австралија, а на оние посреќните, туку во близина, во Прилеп и Битола, па велат дека имаат среќа понекогаш и да ги видат, да ги посетат на некој викенд, посебно кога е потопло времето и прооден патот.  

Така и ние го прошетавме селото и сфативме зошто за него е толку пишувано и пеено. Си направивме муабет со селаните, среќни што не’ гледаат, но и зачудени што сме одбрале ден во викенд и сме поминале толкав пат за да  дојдеме во нивното село.

А ние од претходно заљубени во Мариово, ова ни беше како долго очекуван десерт, после некој превкусен оброк. Вратени во времето неколку векови наназад, како статисти во „Крпен Живот“. Како да навлегуваме во интимата на сите животни приказни опишани таму. А селото, се’ уште не го изгубило својот дух од минатото. Без луѓе, но со безброј приказни сочувани во него. Бисер кој треба да го чуваме. За нас и за идните генерации. 

Денот тука не’ исполни со мир и спокој во душата. Овде времето минува поинаку. Мозокот поразлично работи. Душата е исполнета. Воздухот е убав, мириса на природа. Со зеленило околу вас, несвојствено за другите мариовски села. А па куќите, типично мариовски, со жолт камен, чардак,  широки дворови, оградени со камена или дрвена ограда. Споменици на едно време. 

Можеби ќе дојдат други времиња кога ќе се сетиме дека убавината во животот е во едноставноста. А Витолиште ќе заживее како некогаш. 

И на крај да завршиме, како што почнавме, со Стале Попов и „Крпен Живот“, кој ќе напише… „Село — како секое наше село. Но не тукутака го нарековме центар на Мариово“.

You may also like

Leave a Comment