Битолчани се горди луѓе. Горди на славното минато, клавирите, конзулите, Манаки, Кемал Ататурк, првата гимназија, Широк Сокак. Но, има една работа која им го дава цело право за таа гордост, независно од се’ претходно наведено. Грандиозната Баба планина. Распослана помеѓу Пелагонија и Преспа, на само неколку километри од Битола, не може да ве остави рамнодушни. Дали со своите шуми и надалеку познатата молика, дали со своите глацијални езера или десетиците врвови со преку 2000 метри.
Овој текст не е за нејзиниот највисок врв, но сигурно за еден од најубавите. Вртешка. Ако одите од Ресен кон Битола, ќе ја забележите гордо издигната пред превојот Ѓавато, од десна страна, како се раздвојува од другите гребени. И точно од овде го започнавме нашето искачување, од црквата “Успеасение на Пресвета Богородица” на овој превој, иако Вртешка може да се искачи и од едно од најубавите потпелистерски села – Маловишта. Од точката на стартот, па до самиот врв има околу 6-7 километри одење. И тука на почеток, знак, кој го означува почетокот на националниот парк Пелистер – најстариот национален парк во поранешна Југославија.