Сместена точно на средината на источната граница на Македонија, оваа планина скромно ја чува својата раскошна убавина. Неправедно можеби, дури и локалните планинари кои гравитираат во овој регион, малку за неа зборуваат. А толку е убава и питома.
Тргнавме рано и стартувавме со интензивно темпо. Не чекаа скоро 22 км во двата правци.
Планинарењето ви е како трка со сонцето и облаците. На Влаина тоа буквално и го доживеавме. Раноутрински со сонце, пладневно со дожд и ниски облаци, за крајот на денот да биде пеколно топол. Цел на секое искачување на врвовите ни е да фатиме што поголема висина пред да дојде силното сонце, зошто потоа таа игра со светлина и сенки, ја снемува. А толку ја сакаме.
Или како што ќе напише Мирослав Крлежа… “рафинираната игра на светлината, мека е како одот на срната”.
ИГЕО порталот убаво ја опишува Влаина. Таа припаѓа во групата на средно високи планини. Највисок врв е Кадиица во јужниот дел на планината, со височина од 1932 м.н.в. Според височината, Влаина е втора планина во источниот дел на државата, веднаш по Осоговските Планини [2252]. Сепак, релативната височина од пониските терени (кои се на 800-1000 м) до највисоките планински делови е мала и изнесува околу 1000 метри. Врвовите како и самото планинско било се заоблени, слабо изразени и оголени. Сепак, од нив се протега широк видик кон Делчевската и Беровската котлина на запад, кон Осоговските планини на север, а особено спектакуларен е погледот кон планините Рила и Пирин, како и Благоевградската котлина на исток во Република Бугарија.
И ако сметате дека со искачување на Кадиица сте ја штиклирале Влаина, не бидете сигурни. Ниските облаци за миг ви прават збунетост, па ако не сте подготвени со уред за навигација, тогаш ќе имате проблем. Лесно се влегува во бугарската територија, а таму границата е со жица која е под електричен напон. Веројатно заради стоката која пасе и не знае за граници, а можеби и за планинарите кои сакаат малку авантура.
И тоа не е сé. На исток од врвот Кадиица, преку благо седло продолжувате за вулканската купа Буковик, која е составен дел од Влаина и има свој врв Орловец. Локалното население си ја смета за посебна планина. Геолошки, таа потекнува од горниот миоцен, таа видлива вулканска форма која навистина фасцинира.
И уште еднаш ќе кажеме тоа не е сé со Влаина.
Таа изненадува на многу начини. Со Вртена Скала која е карпест остенок со карактеристичен изглед, висок околу 5 m. Низ средишниот дел на карпата има отвор широк околу 0,6 метри и има различни верувања со овој отвор кај локалното население. Со Јудови Ливади, кои се наоѓаат на околу 2,5 км источно од Пехчево. На тресетиштата и влажните ливади се развива инсектојадното растение Drosera Rotundifolia. Инсектите се привлечени од црвената боја на растението и светлечките капки на желатинозна материја која ја излачува. Со помош на своите ензими ги разложува прилепените инсекти, користејќи ги од нив хранливите материи кои му недостасуваат. Овој локалитет е единствено наоѓалиште на овој растителен вид кај нас.
Дали Ви требаат уште причини да го посетите овој сокриен предел? Наместо една, две планини. Многу видиковци, една сокриена, заборавена, дива и негибната Македонија….И кога веќе се нахранивме со божествени погледи и откако имавме блиски средби со нови растителни видови, се збогувавме од Влаина и ги преточивме впечатоците во текст кој ќе биде спомен од уште еден совршен ден.