Куќа за крпен живот

“Ајде слушај слушај, калеш бре Анѓо…” , само не би продолжиле со “што тамбурата свири”, туку со фактот што куќата на човекот кој инспириран од оваа македонска народна песна го напиша романот “Калеш Анѓа”, а неговата родна куќа, денес од негрижа е скоро целосно распадната.

Тажно е да не сочуваме евидентен спомен од големиот Стале Попов, македонски писател од постарата генерација.

 

Сме патувале по светот, сме плаќале влезници, сме чекале долги редови да влеземе во куќите во кои се родиле големите нивни писатели. А дома, дома едвај знаеме каде им се наоѓаат огништата, а уште помалку знаеме да чуваме спомени.

 

 

Случајно ја откривме куќата, на едно возење до Витолиште. Еден овчар, блиску до патот кога го прашувавме дали сме во вистинскиот правец ни рече: “Продолжете само право, од левата страна е куќата на Стале Попов, таа кај што се родил….” – и така ја откривме.
Обрастена во треви и жбунови, со покрив која половина го нема, со греди кои крепат нешто од камените ѕидовите и сетоа тоа  во еден прекрасен идиличен крај, каков што само Мариово може да го понуди.
Пишува дека е роден во Мелник, но од селото, скоро да нема ни трага, нема низ знак. Селото е целосно напуштено.
И така сведоштвата за некои личности и градби, скоро и да немаме, бидејќи и поединците и општеството не воделе сметка.
А Стале Попов е една посебна приказна.
Да почнеме од крајот, починал на истата дата со Булгаков, Шервуд и Ацо Стефановски, само во различни години.
А животот го предодредил да се роди во семејство на свештеник, па и самиот да заврши богословија, па Теолошки факултет во Белград. Немал постојана професија. Бил селски чувар, тутунски работник во прилепскиот монопол, службеник во Собранието во Белград, претседател на Околискиот народен одбор во Прилеп, управник на шумска дирекција и професор по македонски јазик. Во 1953 година го објавил романот „Крпен живот“, а потоа и романите „Толе Паша“, „Калеш Анѓа“ и „Дилбер Стана“. Исто така, познати се и неговите повести „Опасна печалба“ и „Мариовски панаѓур“.
И да се навратиме на куќата и зошто воопшто куќите се важни. Духот на луѓето и духот на живеалиштата се синапси. Има нешто што во градбите во кои живееле великаните, кое не може да се објасни, но се подразбира. Повеќе би бил некој отпечаток на реалниот живот, на раѓањето и на умирањето. И можеби ќе Ви звучи нелогично, но старите куќи, се како природни појави.
Како за крај…. убаво е да сме загледани во светот, но да сме вкоренети во нашето потекло.

You may also like

Leave a Comment