Совршените пејзажи на Стогово

14 Август, 2019
Ако Македонија треба да избере локација за фотографија приближна на онаа позадината на оперативниот систем Windows XP, која патем стана најпозната фотографија на светот, за која се дебатираше дали е локацијата на Нов Зеланд, на планина во Ирска или пак во Франција (а беше Калифорнија н.з), тоа е дефинитивно планината Стогово. Локација од која што добар фотограф, со својот моќен фото апарат, во еден совршен летен ден, може да направи приближно сличен пејзаж на фотографија…..а можеби и поубав.
Стогово е една прекрасна, навистина прекрасно питома планина, која од врвовите дава поглед на панорама во 360 степени која еве и денес ни излегува пред очите.

Можеби е неправедно запоставена оваа скриена планинска скапоценост, а слободно може да стои на листата 10 планиснки убавици на Македонија.
Нема толку контрасти, нема изразено тектонско делување низ времето за да создаде планински свет со фантастични форми, нема ни извори, ни езерца, не е масивна како соседната Јабланица, но затоа има здрави ливади, идеални за пасење на безбројните стада овци, прекриени на места со боровинки и клеки, набрчкани по ридестите неравнини, а тревата висока непокосена, ветерот ја носи на сите страни.
Искачувањето не изгледаше како во приказните “преку 7 мориња и 7 планини”, туку преку 77 ливади со 7777 овци и по некој див коњ, со логично пристапни патеки, не многу маркирани или целосно избледени, но врвот ви  е ориентир, кој не ве издава. Се разбира, ако го знаете од неколкуте врвови со кои сте опкружени. Ние не го знаевеме, но овчарите ни беа одличен компас, во тој долг летен августовски ден.
Како одиме кон врвот, така тревата станува повисока. Овде наутро ако се оди “роса имаш до појас”- што би рекле жителите на Гари.
Врвот освоен.
Бабин Срт со своите 2.240мнв е прекрасна точка за панорамско уживање на околината. Охридска котлина, Струга со сите соседни села, цел венец планини кои ја одделуваат Македонија со Албанија и така во круг до планините на централната трансферзала.
И размислуваме за назад, за спуштање, за купување на пресно сирење од бачилото кое го забележавме на искачување, за приквечерна среда со Гари, за убав одмор во селската меана…и потоа за пат кон дома.
За нас тој ден беше совршен ден на планината која е за паметење.
Ја запознавме во лето, посакуваме да ја видиме во една есен.

 

 

You may also like

Leave a Comment