Никогаш доста од Шара.
Па дури и кога ќе кажеш дека е доста.
Така си рековме и ние, после два последователни викенди поминати на оваа планина.
Но, бидејќи цел свет се движи некако во знак на бројот три, започнувајќи од Светото тројство, па сѐ до фудбалскиот хет трик и сите филмски трилогии, така и ние го завршивме овој наш триаголник, враќајќи се по трет пат на Шар Планина, во последните три недели.
Симболиката и нумерологијата ќе ги оставиме на други, ние сме тука за уживање, пешачење, дишење чист воздух и изолација од урбаното и технологијата. Целта беше Караниколичко Езеро и врвот кој се издига над него, Шереметица.
Најпрво размислувавме да искачиме и уште неколку други блиски врвови, затоа што планината го дозволува тоа, протегајќи се десетици километри по срт, постојано со линија на движење во висина над 2200 метри.
Но должината на еден есенски ден и претпазливоста, ја донесоа конечната одлука.
Стартна точка – селото Вешала.
На дваесеттина километри од Тетово, возејќи по нагорнини и кривини, се добива впечаток дека оддалеченоста е неколкукратно поголема. И првата помисла кога пристигнавме беше, како се движат овие луѓе во зима по селските тесни улици, со правец на протегање нагоре. На бекатонот кој го заменува асфалтот, стои прицврстен по некој камен, каде седат селаните, набљудувајќи ги планинарите кои не ретко им го посетуваат селото, како пропратна точка која го отвора раскошниот свет кој го нуди планината. И сигурно се запрашуваат кое е задоволството, физички да го умориш телото, а тоа да не е за работа. Ќе видите луѓе од селото како пасат крави и коњи, како носат дрва за огрев, како одат до соседните бачила, но речиси невозможна слика е да се види како одат на планина да искачат некој врв. Тоа се тие културолошки разлики, кои пак даваат убав диверзитет во секојдневното живеење.
Искачувачката голгота започнува уште од стартот.
Спремни или не, патеката не прашува. Веднаш остра нагорнина, која само во некоку наврати се ублажува на патот до целта. Постојано искачување кое достигнува бројка од преку 1250 метри, имајќи ја во предвид стартната точка од 1200 мнв и крајната, од преку 2450 мнв.
Мачно, физички предизвикувачки, во должина од околу 15 километри во двата правци.
И зошто го правиме сето ова?
За крајниот поглед, кој само природата може да ни го подари.
Две езера едно до друго, погледнати од точка на врвот, во планинско – небесна сценографија, која само есента може да ја наслика. Она попознатото – Караниколичко, обоено со тиркизна боја и помалото, наречено Мало.
Караниколичко или Мал Ѓол, со кафеави бои. Композиција која не остава да го оттргнете погледот, па кога се искачувате свртени со грб кон нив, често сакате да застанете, за колку што е можно повеќе да уживате во погледот, затоа што можеби така подолго ќе остане врежан во главата, кога дефинитивно ќе го напуштите местото.
На крај останува впечатокот дека Шара никогаш не престанува пријатно да нѐ изненадува. И никогаш доста од нејзината убавина.