Notice: Function _load_textdomain_just_in_time was called incorrectly. Translation loading for the wordpress-seo domain was triggered too early. This is usually an indicator for some code in the plugin or theme running too early. Translations should be loaded at the init action or later. Please see Debugging in WordPress for more information. (This message was added in version 6.7.0.) in /home/nomayisn/public_html/wp-includes/functions.php on line 6114
Наш врв - No Man's Land

10.9.2022

Кожуф е една од нашите планини на која сме искачиле статистички, најмногу врвови. Зелен Брег, Мала Рупа, Sена, Чичи Каја, Двете уши…сме го истражиле и мариовскиот дел кој го допира Кожуф кај Кавадарци, сме имале една зимско невреме со обид да го искачиме К92.

Во античко време, Олимп била планината на боговите, а Кожуф планина на џиновите. Затоа и еден од врвовите се вика Sена. Има повеќе од 10 врвови, а осум од нив се над 2.000мнв. Одамна слушавме за врвот до кој води бескрајно долга патека од 15км, врвот Дудица, но некако немавме можеби сериозен план во еден ден да направиме 30км во двата правци.

И така…размислувајќи за една планинска тура на крај на ова лето, решивме да се почестиме со долгата тура до уште еден од високите врвови на Кожуф.


Врвот Дудица.

Убаво ја испланиравме таа мисија, но секој нов врв ни дава нови лекции.

Па така, во раните утрински часови, во едно неделно септемвриско утро бевме подготвени на нозе да поминеме 30км до Дудица и назад до Михајлово.

Планинската патека од подножјето е пробиена за теренски возила, веројатно од времето кога во овој дел на планината имало караули. А на патеката ние забележавме две. Едната малку дотерана во новото време, а другата во рушевини. 

Километрите минуваат, за по неколку часа да се излезе на еден необичен и карпест вис кој отвара поглед кон низа на нестварни убави визури на Кожуф.

Во прв план се добро познатите тревести гребени на планината, а во далечината се гледаат плејада на каменити дивови…врвовите на Кожуф кои се поблиску до Гевгелија, а ни тргнавме од страната на Кавадарци. 

Кожуф е питома и гостопримлива планина, но не е така наивна за посериозни искачувања. Некогаш временските услови не спречувале, иако прогнозите биле стабилни, некогаш маркациите на кои сме верувале, а некогаш откажувала техниката, конкретно Гарминот кој ни е верен придружник секогаш…овој пат последните две беа причина да не успееме до Дудица.

Патеката беше одлично маркирана, но во еден дел, подоцна увидовме, заради паднат знак кој не го забележавме…наместо да свртиме лево, продолживме добри 5км во погрешен правец до едно бачило со крави, откривајќи дека сме веќе длабоко навлезени на грчка територија. Па така се вративме назад, нови 5км да ја исправиме грешката.

Се упативме кон точниот правец мислејќи дека ќе имаме време за Дудица. Крајот на септември веќе има намален ден, ние направивме 10км повеќе од планираните 30, пристигнавме во подножјето на врвот до кој ни требаа уште некои 45мин искачување, се пресметавме дека ќе не фати ноќ за враќање по бескрајно долгата патека назад, па решивме да го погледнеме тој прекрасен див од соседниот безимен врв, за кој Гарминот покажа 2.050мнв…и кој решивме да го има името Наш врв. 

Наш, заради љубовта кон планините, заради изодените 40км во само еден ден, наш…заради фактот што можеби секој врв заслужува име и смисла на неговото име. 

Гледаме од тој Наш врв во далечината, во која се гледаат безброј планински патеки кои продолжуваат понатаму кон врвови и ливади на бескрајниот Кожуф. Препознаваме во далечината искачени врвови од нас. Денес, времето и грешката на патеката го осуети планот да бидеме на Дудица, но суровоста на планината, не простува.

Планините ќе останат, врвовите неискачени нема да побегнат.

Еден од нив за кој ќе сонуваме е Дудица.

You may also like

Leave a Comment