Врв со две имиња

Планините на истокот на Македонија се мирни, тивки, питоми. Делуваат како да се полни со скромност и не сакаат да ја истакнуваат својата убавина, па често за планинарите не делуваат атрактивно. Но кога ќе почнете да ги искачувате, тогаш полека почнуваат да ја разоткриваат цела своја раскош.

Ние сме повторно во Малешевијата. После искачувањето на најизвиканиот врв – Ченгино Кале, сега се враќаме на највисокиот – Иљов Врв или Џами Тепе.

Името Иљов Врв го добил од бугарските власти, во 1942 година, по името на македонскиот револуционер Дедо Иљо Малешевски. Претходно го имал своето турско име, па денес можете да го најдете и под едното и под другото, сепак за локалните планинари е прифатено да си го нарекуваат Иљов, но сепак, не како бугарско, туку како македонско име. Но, толку за историјата, да се вратиме за нашето второ искуство со Малешевските планини.

Овај пат беше зима. И навистина уживавме што е така. После час икачување од почетната точка на Рамна Река, срамежливо започна да се пијавува снегот, кој потоа го имаше се’ повеќе и повеќе. Воздухот ладен и сув, патеката блага и пријатна за качување, километрите многу, а денот релативно краток. Но ние имавме време за се’. Качување, паузи, ужина и уживање во глетката. Некаде на половина од патеката, поминавме низ една од најубавите шуми кои може да ви подари некоја планина. И така, движејќи се низ снегот, заобиколени со листопадни дрвја од сите страни, го ставаме мозокот на пауза, па цела концентрација ја насочуваме во нашите сетила, да собериме со поглед, мирис и слух, што повеќе од она што природата бесплатно ни го нуди.

Се ближиме кон врвот, движејќи се по македонско – бугарската граница. На секои петстотини метри е поставен по еден камен на кој пишува СФРЈ, останати од времето на бившата република. И така некако изненадно се појавува и врвот. Кој и не е баш врв, затоа што е заоблен, па тоа е една ширина, која е највисоката точка на овие планини, на надморска висина од 1803 метри. А нема ниту поставен знак. Локалните планинари ќе речат дека така си го чуваат себично за себе, да не се уништи и загади природата од несовесни качувачи, доколку стане популарен. И можеби се во право. Можеби не се себични, само грижливи за ова богатство што прироадата им го оставила. И ако врвот не делува величенствено, тогаш погледот го надополнува таквото чувство. Во убав сончев ден, како што беше нашиот, оттука се гледаат сите највисоки планини во соседна Бугарија, како Пирин, Рила, па дури и Витоша. Па таквиот момент заслужува една подолга пауза и уживање во погледот, дури не печи сонцето, а ветрот по малку ја расипува цела хармонија, но воопшто не смета.

После изминати нешто помалку од 20 километри, се враќаме назад на почетната точка. Среќни после уште една дружба со Малешевијата. А како дасе заврши денот, ако не на скара во „Мрс“ со Берово. Секој залак после ваква тура е максимално заслужен. Се испраќаме со истокот со желба за повторно брзо враќање…

You may also like

Leave a Comment