Селечка Планина, мора да била некоја митска планина, во длабокото минато. По она што природата го создала преку камени форми, а геологијата може тука да го потврди, планината има некоја посебна “емотивна” тежина. Како да носи пораки, кои ние тешко ги разбираме.
Ако на некои планини, шумите се во офанзива, а тлото во дефанзива, тука е обратно.
Феноменални метаморфни камени структури, ја красат оваа планина.
На Селечка Планина и пријдовме од страната на Прилеп, а почетна точка ни беше Манастирот Св Димитриј во с. Селце. Целта ни беше врвот Устрелец.
Но, врвот не е ништо, наспроти средбите со прекрасни камени креации кои ќе ги гледате по патеката.
Првата средба ви е со карпестата убавица Момата, прилепчани ја нарекуваат и Чупата, а некои и Индијанката. Осмена огромна карпа која има женски лик.
Ова е монументална приордна скулптура, по претпоставки стара околу 400.000 години. Висока е 67 метри. Според некои научници, дооформена е со човечка рака, бидејќи древните жители во овие краишта ја третирале како божество. Доминира во просторот, загледана е во пејзажот кој се простира во овој агол на Пелагонија, а многумина доаѓаат да најдат некакви скриени пораки или значења.
Продолжуваме во едноставното искачување кон врвот. И како одиме нагоре, уште подобра и поширока слика добиваме од пределот, со маестрални погледи кон Пелистер, Солунска Глава, па дури се гледа и Враца на Шара.
А камените формации, добиваат различни форми. Желка, вселенско летало, срце…..кои само даваат нова магија на овој простор.
Кога ќе стигнете на врвот, се укажува импресивната морфологија на Мариово кое Селечка Планина љубоморно го крие.
Искачувањето на врвот кон крајот е каменит, просторно ограничен и со не толку многу видлива патека, но безбедно е, без некои експонирани точки.
Селечка Планина, не е некоја импозантна планина по висина, но е планина која нуди и прекрасен поглед на долината кон градот Прилеп и поглед кон Мариово, но пред сѐ нуди уживање во еден геопарк кој го создала природата, како да сте на изложба на дела на вајари кои прават чуда од камен.