Фојник – врв над Поречието

Поречието е македонското скриено богатство. Велиме така, затоа што за тамошните села и области, не се зборува како за селата од реканската област, или Мариово, или пак од Малешевијата. Тоа од друга страна ги прави повеќе мистични и интересни за откривање. 


А цела област е вистинско уживање за посета. Без разлика дали одите пеш, дали сте со автомобил или точак. Бројни, за нас неоткриени убавини, од двете страни на реката Треска.

Откако посетивме неколку села во оваа област како Вир, Локвица и Девич, потоа Девините кули и пештерата Пешна, редот дојде за планина. Случајно, претходно имавме прочитано за Сува Гора и еден од нејзините најпознати врвови Фојник. Тоа што врвот е висок 1420 метри, а се ближеше почетокот на летото, беше знак да побрзаме со турата, пред да зафатат големите горештини, што ќе значеше одлагање на искачувањето до на есен.

Секоја планина и секој врв си има своја убавина. До вас е да ги пронајдете. И секоја си носи различно искуство и доживување. Нас, најубавите моменти Фојник ни ги даде, на стартот и финишот од качувањето.
Почетокот е во село Брест, место кое вреди специјално да се посети, без разлика дали имате во план да ја искачувате планината. Таму бевме пречекани од повеќе селани, кои беа зачудени што ни текнало да дојдеме да ја искачиме нивната планина. Нормално, веќе сме навикнати на ваквите реакции од бројни луѓе кои ги наоѓаме низ различни места во државата, зачудени дека за тој ден, специјално сме одбрале да го посетиме баш нивното место на живеење. После неколку муабети со селаните од Брест, се испративме и ја започнавме нашата тура. 

Искачувањето воопшто не беше тешко, патеката во најголем дел обележана, исполнета со грмушки, трева и листопадни дрва. Врвот, најубавото го чува за самиот крај. А таму, погледот кој е најголемата награда што тој ден сме одбрале да го искачиме Фојник. Го гледате езерото Козјак од перспектива од која претходно сигурно не сте го виделе. Нормално, погледот паѓа и на реката Треска, по која Поречието и го добило своето име, а тука е и Караџица, со својот масив. Дополнителна убавина на местото дава црквата Св. Преображение, изградена на самиот врв, а водилка во искачувањето до врвот може да ви биде и предавателот поставен таму.

Започна да дува ветре, измешано со сончевите зраци кои ги имаше во претек тој ден, па можевме да си дозволиме една поголема оддишка и да го изуживаме до крај, погледот кој само природата може да го даде.

Кога слеговме долу во селото, со нетрпение не’ чекаа селаните, да раскажеме како ни се допадна оваа, за луѓето кај нас, релативно непозната планина. Неизбежно беше да се напиеме заедно со нив по една газоза во селската коперација, и на испраќање да ни кажат дека не’ очекуваат повторно, и ова не треба да биде прва и последна посета на нивното село.

А ние имаме дадено ветувања дека повторно ќе се вратиме на многу места кај нас, дел сме исполниле, дел се надеваме дека ќе ги исполниме во иднина, затоа што не’ чекаат уште многу неоткриени богатства…

You may also like

Leave a Comment