Неодмна прочитавме име на еден врв кој го привлече нашето внимание. Признаваме, повеќе не привлече името, отколку како предизвик или одредница кон уште еден врв.
Станува збор за врвот Зелка, висок 1.426м исправен на планината Козјак, во Мариово.
А кога сме кај Мариово и мариовците, некако шегите како наследство од Итар Пејо ни доаѓаат нормално и кога станува збор за едно вакво име.
Но, искачувуањето на Зелка, немаше ништо шеговито, тоа е една долга, прилично долга патека од 15 км во правец, одамна маркирана, но обрастена во папрат и вегетација, со многу искачувања и симнувања, така што приближувањето кон врвот изгледаше како октривање на една вистинска зелка, лист по лист. И колку оваа аналогија да ви звучи смешно, ова е врв кој ретко кој го знае, но заслужува навистина достојно внимание.
Почетокот на патеката води од селото Витолиште и тука нема некоја голема филозофија, освен да го следите интересниот пат од чудна некоја калдарма, веројатно дело на француските војски кои тука биле како дома. И така е сѐ до напуштеното село кое нема ништо живо во него, но се вика Живово. Убаво мариовско село, за кое наскоро ќе Ви пишуваме.
После Живово, започнува фазата во која сметате дека го искачувате врвот, но така се среќавате само со неколку помали извишувања кои се како пластови наредени до крајната цел, но ништо не е така блиску.
Врвот Зелка е исклучителен по неколку интересни моменти. Се наоѓа на венецот врвови од областа позната и како Козјачија, громадна планина, со интересни зарамнини, врвовите не ѝ се високи и се заоблени, а Зелка е сместен на една таква облина на која гледате толку стари зимзелени дрвја, вид на исклучително високи борови, нешто помалку вообичаено за голото Мариово и ви доаѓа како да сте за миг во сцена од Јура Парк и некој Птеросаурус ќе ве надлета. Многу од стеблата се искршени од очигледни удари на гром, затоа што се највисоки точки на голите брда, многу се исушени, а и човечката рака направила штета, со диво сечење….инаку сосем сценски, ова возвиживање потестува на Мон Фрератус кој старите Римјани го доживувале како Железна Планина. Буквално такви дрвја и таква вегетација, како од некои минати временски епохи.
Се искачивме во последната фаза до врвот, кој можеби има толку несоодветно име, а сепак буди инспирации да најдете начин и да си објасните како некои древни жители тука гледале на врвовите и ги именувале.
Од овој врв се пружа беспрекорен поглед кон една убава планина Дрен, на другата страна кон гордиот Кајмакачалан, а некако се ѕирка и Бабуна и Баба….И додека стоите на врвот, сведоци сте на една систематска ерозија која му се случува на ова тло. Нема извори на вода, но поројните дождови во извесен дел од годината создаваат бразди видливи како шарки врз зебри на секое извишување.
Карпест, целосно раселен и осамен на една прилично јужна точка од Македонија е овој врв и овој крај. Но, вреди да се посети и да се доживее на свој начин.