Архаичната убавина на истокот

Плачковица е средновисока планина на истокот, чиј главен планински гребен изнесува 34км. Поделена е на источен и западен дел. Источниот е повисок и сме го посетиле неколку пати, затоа одлуката да ја проучиме западната страна на планината за чие име има неколку легенди за кои сме пишувале досега, ни претставуваше убав предизвик, можеби не во висина, колку во должина на изминати километри. 

Снеговите од оваа зима на Плачковица ги имаше во траги, а утринското сонце кое тоа утро грееше силно, најави дека топењето и на тоа што останало од снег е неизбежно.

Западната страна на Плачковица не е многу атрактивна за планинарите, затоа што нема изразени, обележени и звучни имиња на врвови. Теренот кој го минувавме е наклонет за лесно искачување. Земја и трева имаше доволно, за чекорите да бидат сигурни. Ова не е каменита планина. 

Почетната точка ни беше Обозна, а целта ни беше врвот Грошец. Стазата не е маркирана, се водевме по карта и по мапите на нашиот Гармин часовник. Во кондиционен поглед, искачувањето не е напорно, но се минуваат во двата правци околу 22 км.
Ова е и сува планина, нема вода, барем на оваа страна, така што неопходно е да се носи во доволни колични.

Стартувавме рано, облечени прилично топло и слоевито заради календарската зима, но денот беше пролетен, така што искачувањето беше со лесна облека, слична на духот на планинското трчање. Во последно време нашите искачувања по македонските планини се како трејл натпревари со самите себеси, во кои единствено се натпреваруваме во една замислена трка со сонцето и облаците. Целта е да се достигне што поголема висина раноутрински, заради подобри фотографии, додека сонцето не се дигне превисоко и таа игра на светлото и сенките одеднаш не престане….јас сакаме таа игра на светлината, која Мирослав Крлежа толку убаво ја објаснил ” рафинирана игра на светлината, мека како одот на срната….”

Единствен недостаток по патеката беше бавното менување на сценографијата, така што имате прилично монотон предел. Пријатно изнендување ни беше напуштеното село Манастириште, за кое подготвуваме посебен пост на нашиот блог.

По неколкучасовно искачување на терен кој се спушта и подигнува, стигнавме до експонираниот дел кој е некаква гранична линија со сосена Бугарија. Врвот не е означен, но тоа е Грошец. Има убав видик кон Чупино Брдо, а и кон целото опкружение на не многу високи и благо заоблени врвови. 

Питома е Плачковица, со пристапни падини и срамежливи врвови.

Кога минувате часови и километри низ планините, не носите заклучоци, но длабоко размислувате.
На пример Ви доаѓа на памет прашањето, зошто нѐ привлекуваат планините?

Тоа е како средба со “вонвременското”. Средба и привремено опстојување на простор кој отсликува некое геолошко сведоштво на величенствената сила на природата. 

Вториот мотив е веројатно средбата со “архаичното”. Планините низ историјата биле на периферијата на цивилизациските текови. Малубројни се традиционалните жители кои по занает се сточари. 

Сретнавме едно напуштено село, а во далечинита имаше и едно населено село….и веднаш се слуша звукот на стоката. Во потрага по пасишта, помеѓу овој и некој нов снег, сточарите се селат да најдат место за кравите и овците. Но, и тој живот е во исчезнување, со оглед на миграциите во градовите. Се радуваме кога ќе ги сретнеме, зошто не сме сигурни колку често тие средби во иднина ќе ги имаме.

Плачковица е планина на која “ти се чини дека времето стои”.

Додека на западот од Македонија планините стануваат плен на туризмот на различен начин, истокот е негибнато пространство кое само нѐ потсетува каков бил светот до неодмна.  

You may also like

Leave a Comment