Преспа за сонувачи

Чудно…на некои убавини не им се потребни дебати и убедувања, туку човек  веднаш им се препушта затоа што во нив препознава питома убавина. 



Ете таква е Преспа.
И сме ја посетиле многу пати. И секогаш во неа откриваме нешто исконски убаво. На таа нејзина убавина се одговара со немо препознавање и со една внатрешна радост која само на човекот кој го сака животот и малите мигови во него, му се познати.

Во еден есенски ден, го посетивме Љубојно, прекрасно село за кое сме пишувале статии во нашиот блог. И мислејќи дека сѐ сме посетиле, во една прошетка на некој километар погоре од селото, заграден со шуми и стрмна падина и вграден во голема карпа видовме еден поинаков манастир. 
Денес ќе ви ја раскажеме приказната токму за манастирот кој за неполни две години ќе слави 100 години од својата изградба. Тој е воедно е и еден од најубавите сакрални градби во последните векови во овој дел на Македонија.

Точно 98 години од изградбата на едно  од најубавите светилишта во преспанското село Љубојно посветена на апостолите Петар и Павле. Според стариот запис зачуван над влезната врата од црквата, храмот бил дограден на 9 мај 1923 година со средства на Никола Хр. Стасовски од село Љубојно.

Во ова преспанско село се раскажува дека Никола бил заминат на печалба во Америка, а на сон му излегол старец кој од него побарал да изгради црква во шумата над селото. Откако сонот го видел неколку пати заедно со брат му, според некои Јоше, а според натписот зачуван во црквата Јован, се вратиле во Љубојно патувајќи го преминувајќи го океанот со брод и ја подигнале црквата која опстоила безмалку еден век. Мермерна плоча со имињата на донаторите, поточно на Никола со браќата и семејствата зачувана е во олтарот на црквата. Не е испуштен ни податокот дека храмот бил подигнат за време на владеењето на кралот Александар Караѓоргевиќ, за време на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците.

Според записите зачувани од историчарот на уметност Ристо Палигора, фасадите на западната, јужната и северната страна се декорирани во духот на архитектурата која се негувала во периодот помеѓу двете светски војни. Во горните делови тие имаат триаголни завршетоци, врз кои се надоврзува кровната конструкција во форма на крст во чиј центар се издигнува куполата, со осумстраниот тамбур.

Источниот, олтарен дел на храмот се потпира на висока камена карпа, која до некаде е и ѕид на црквата. Иконостасот е нареден со икони на кои пишува дека се дело на иконописецот С. Николиќ од 1924 година, чии икони се добро зачувани.

Ако ве носи патот во Преспа, одете во Љубојно….село со девет цркви и три параклиси, но не одминувајте да го погледнете овој манастир.

Некои бродови доаѓаат и си одат. Исто како и луѓето. Исто како и времето кое немилосрдно се троши со својата сета. Секое очекување трага за своја цел…. И што повеќе човекот си ја открива душата на детето во себеси, неговото пловеше по овој Универзум не престанува, туку напротив повторно се раѓа таму каде што самракот не ја губи шансата да подели некоја тајна со оние на кои им ги предава своите погледи како најубави очекувања преку соништата…

You may also like

Leave a Comment