Карпа за спој со небото

За убавините на Јабланица сме пишувале повеќе пати, за посебноста на Вевчани исто…но,западно од селото на 1.300 мнв се наоѓа 25 метарски крст, кој крај себеси го крие малиот пештерски манастир Св. Спас Горни.


Додавката Горни, доаѓа заради висината, а и заради фактот што Вевчанци имаат и Св. Спас Долни.

И затоа што Св. Спас во Вевчани е повеќе од значаен.


И ова е манастир кој е примерок на таа духовна и просветителска ризница. Како сведок на монашкиот живот, на нивното големо создавање, на креативниот потенцијал на македонските градители и зографи кои оставил силни траги во источно-христијанската култура глобално. 

Беше крајот на зимата, кога решивме да направиме мала пешачка тура во тој дел на Македонија. Пристигнавме во доцните пладневни часови, па проценката ни беше дека од Вевчани до Крстот и назад нема да не стемне, зошто деновите беа сосем кратки.

Патеката е убава, дури и кога е снежна. Јабланица ни на нејзините падини, никогаш не губи во убавина.

Глетката при искачување се менува, дел погледот во далечина го здогледува Охридското Езеро и Галичица, дел е насочен кон полето кое граничи со Караорман.

Ова е карпест предел на оваа страна на Јабланица. Токму на карпа надвисната на патеката е изграден манастирот. 

Бил забележан во списите од страна на Нушиќ кој кон крајот на 19 век, бил Српски конзул на ова територија. Според стручната литература која се базира на староста на иконите, манастирот треба да датира од втората половина на 19 век. 

Ова е посебен манастир.

Тука има богатство создадено од Дичо Зограф. Иконите на светите апостоли се негово дело. Не напишал година на создавање на истите, но се претпоставува дека нивното создавање треба да биде во ист период со создавањето на иконите од црквата Св.Никола.

Има белешки кои потврдуваат дека престолната икона Вознесение Христово е изработена од уште еден врвен мајстор на иконопиството, Крсто Николов од Лазарополе.

Спојот на пештера и манастир е интересен и за спелеолози и за археолози, како редок феномен со уметничка и историска вредност.

Локациите се совршени, со прекрасна природа која ги прави уште потаинствени.

Тоа се места на мир и спокој, на монашки мистицизам кој корените ги наоѓа во исихизмот.

Вевчанци го почитуваат Св. Спас како сопствен заштитник. Често го споменуваат во молитвите….манастирот е нем сведок на сите воздишки од радост или тага низ животот низ вековите.

Крстот е само обелиск под кој се крие таа вредност на просторот за соединување со Бога.  

You may also like

Leave a Comment