7 Октомври, 2018
И Балканот има свој Stounhenge, но многумина тоа не го знаат. Камената опсерваторија Кокино се вбројува помеѓу највредните во светот.Во 2005 година, вселенската агнеција НАСА објави список на 15 опсерватории и Кокино ја смести на 4 место. За оние кои бараат телескопи и други направи, ова не е место…оваа е опсерваторија стара 3.900 години и служела за проучување на небеските тела.
Камена формација е, затоа се нарекува мегалитска. А откриена на прагот на новиот милениум, во 2001 година. Пристигнавме околу пладне, во еден убав октомврски ден кога есента се распосла низ пределите кои ги извозивме, менувајќи полиња, со ридови, планини и по некој превој…
Се упативме нагоре по ридот пешки, кон местото во кое времето стои. А стои, затоа што е запишано на камен. На 1.013мнв се наоѓа Кокино, на врвот на Татичев камен. Кога ќе застанете таму, точно знаете зошто ова место на некои древни цивилизации им било стратешко место. Ова е локација на која слободно ги држите очите отворени и сонувате…се враќате во Бронзеното Доба, некаде 20 до 18 векови пред Новата Ера. Многу назад….нели?
Еве некои временски паралели за да добиете претстава…
Во тоа време на Крит цветала Микенската цивилизација, Египет се држел стандардно добро, Хетите ја формираа својата прва држава, а тогаш е формиран и Вавилон. Тројанската војна се случила 600тина години подоцна, а првите Олимписки игри се одржаа после 1000 години. Стариот завет вообличен во Танах се појавил отпилика 1200 години подоцна. Овде, на северот од Македонија имало опсерваторија, толку многу илјадници години назад. Со други зборови, тука се случувал не само живот, туку се развивала и наука, се разменувале информации, веројатно бавно….но, сигурно.
Знаењето се ширело, а секоја населена заедница создавала специфична култура и имала свои верувања. Ете така се создало Кокино, на врвот на тогашниот Свет.
Денес кога се стои тука, знаеш дека во каменот е запишано сé. Тоа е таа мистика, која може да ти разбуди илјада приказни во главите. Ако имате фантазија…ако имате доволно фантазија да гледате што оваа камена формација зборува. Научниците истражувале и откриле два дела на опсерваторијата, горен и долен. На повискиот дел, има камени формации на кои се исклесани камени жигови-маркери во вертикална положба преку кои се следело поместувањето на Сонцето и на Месечината на источниот хоризонт.
Три вдлабнати маркери кои обележуваат, изгрев на Сонцето во деновите на краткоденица, равноденица и долгоденица. Значи, чиста астрономија. Останатите четири маркери се посветени на Месечината, во периоди кога таа “стои”.
Древните народи, биле опеседнати со времето, но не како нас. Тие го мереле, прецизно го обележувале. Времето за нив било света работа. Оттука и четирите камени престоли, тронови…со поглед кон источниот хоризонт за да се дочека изгревот на Сонцето.
Кој од нас чека изгрејсонце?
Ретко кој…зајдисонца почесто. Тогаш, водачите чекале прв сончев зрак, за да го докажат својот легитимитет. Денес чекаат водачите, можеби порака од медиуми…
Некогаш соединување со Богот Сонце, денес….којзнае. Ако ти е Сонцето сојузник, тогаш идната година ќе ти биде мирна. Така верувале жителите кои ги газеле овие камења.
А сега за хоризнтите видени од таа висина. Главата горе и можеби да видите небо со по некоја птица, или летечки змеј заради личен ќеф кој го донел некој посетител денес. Главата право и пред Вас се отвараат неверојатни погледи на сите долини кои го обиколуваат ова место. Доживување кое никогаш нема да го заборавите.А ако погодите “вистинска” дата во годината, можете и Вие да станете Крал кој ќе го Осветли првото Сонце.