Иако долго време се наоѓаше на нашата мапа, чекавме убава прилика за навистина да го изуживаме. Се додека не одите таму, не знаете точно што ве очекува. И сигурно ќе ги надмине и вашите најоптимистички очекувања. Дали со својата местоположба, можеби со своето минато, десетиците приказни и легенди, а во секој случај со неговата архитектура.
Тоа е Кратово, бисерот на нашиот исток.Започнуваме да се движиме низ тесните улици со калдрма и да се префрламе од еден на друг крај од градот, преминувајќи од еден на друг мост. А мостовите, од убав, поубав. Жешкото време уште повеќе даде смисла зошто нашите „Љубојна“, една од нивните највесели песни, со најдинамичен ритам, ја крстиле „Кратово виа Бразил“. Фалеа уште неколку трубачи, тромбонисти и еден тапанџија да не’ следат во обиколката. Ги минуваме Јоркширски, Чаршиски и Грошчиски Мост. Секој си носи своја приказна. Доаѓаме и до најпознатиот, Радин Мост, кој некако ја изгубил својата автентичност од бројните реконструкции кои ги претрпил со текот на времето. По пат застануваме и влегуваме во црквата „Свети Јован Крстител“, уште еден од спомениците на културата во градот. Од она што го прочитавме, оваа црква е стара повеќе векови, сепак била запалена во XVII Век, за потоа да се возобнови во 1836 година. Внатре најголем впечаток остава иконостасот од ореово дрво, изработен од славниот Петре Филиповски – Гарката и неговата тајфа.
А историја? Има колку сакаш. Чекориш низ историја во градот. Ја има насекаде. Тука се кулите. Најголем број средновековни кули во цела држава. Имало 17, но сите не се целосно зачувани до денес. Речиси секоја од кулите има име на некој познат бег или ефенди. Една од нив подоцна добила и часовник, па се нарекува саат – кула, иако механизмот одамна не работи. Кратово било и едно од центрите на Карпошовото востание, подигнато против Османлиите во 1689 година.
Но Кратово не се само приказните, легендите имитовите, кои ги има од римско, преку периодот на турско ропство, па се’ до денес. Кратово е и архитектурата на куќите кои го красат. Изградени претежно од камен и дрво, на два спрата, со препознатливиот чардак. Многу од нив надвиснати над Кратовската река која минува насредина низ градот, со поглед кој не се купува со пари. Градот го прави и неговата чаршија и броjните дуќани, кои за жал денес во се’ поголем број се затвораат. Сепак, интересни се оние остатоци на таблите на дуќаните уште од социјализмот, кој не се отстранети, па прават фузија на едно време кое било и како транзитирало.
Гордост на кратовчани е и нивниот фудбалски клуб „Силекс“, кој три пати бил првак на нашата земја и извадил голем број на репрезентативци.
На еден знак забележавме табла каде пишуваше „Уво, 3 часа“. Тоа е вулканска купа, која се смета за дел од Осоговскиот масив на планини, издигната на 1.473 метри. Ова беше некој знак од горе дека треба да се навратиме на градот, да се искачиме на врвот Уво, и да го исшетамеуште еднаш овој шармантен град, но сега во друго годишно време.
Кратово не освои на секој можен начин. Ние продолжуваме со авантурите низ питомиот исток, а во колата ечи гласот на Вера од „Љубојна„ и нивната „Кратово виа Бразил“….