Една од најубавите работи при нашите патувања низ Македонија е непредвидливоста на она што не’ очекува. Речиси никогаш, нашите авантури не завршуваат на оној начин на кој сме ги замислиле, но сето ова во најпозитивна смисла. Всушност, нашите шетања и истражувања се како да снимате документарен филм. Започнувате од една појдовна точка, но дејствието и развитокот на приказната зависи од интервјуата на личностите, од материјалите што ќе ги пронајдете, од работите кои ќе ги научите во самиот процес. Така и ние, си задаваме одредена цел до која треба да стигнеме, па движејќи се кон неа, се отвораат десетици други мали патеки кои што никако не сакаме да пропуштиме да ги истражиме, па некогаш примарната цел се претвора во секундарна.
Тој ден целта беше првото училиште во кое се одржала настава на македонски јазик. Знаевме дека се наоѓа во селото Подвис, во областа Копачка, Кичевско. И тргнавме натаму.
Кога стигнавме во селото, првиот впечаток ни беше дека има многу куќи од понова градба, па претпоставивме дека голем дел од старите се веројатно рушени и на нивно место изградени нови. И ете не’ пред училиштето, каде стои знак – „Во виорот на НОВ и револуцијата на слободната територија на Македонија во с. Подвис, на 23.09.1943 година, почна со работа првото училиште со настава на мајчин – македонски јазик“. Знакот датира од 23.09.1943 година. Искрено, самото училиште како градба не ни’ остави некој посебен впечаток, а внатрешниот дел беше во голем дел руиниран. Откако направивме фотографии, се спремивме да си одиме, затоа што за тој ден имавме во план посета на уште неколку точки на интерес.
Сепак, како се движевме со автомобилот, налетавме на еден човек од селото, па застанавме да си помуабетиме.
И оттука приказната доби нов тек.
Тој почна да ни раскажува дека училиштето кое ние го видовме и сликавме е всушност новото училиште, кое започнало со работа во шеесеттите години од минатиот век, а претходно било штала. Сепак и тоа е моментално вон употреба. Понатаму од разговорот со него дознавме дека старото село Подвис, во кое се наоѓа и старото училиште,е погоре, на околу 40 минути пешачење. Кога ние му кажавме дека всушност сме дојдени за старото училиште, тој инсистираше да не’ одведе таму, затоа што жалосно би било да дојдеме до Подвис, а да не го видиме првото училиште каде се предавало на македонски јазик, но и старото село Подвис. Таквата понуда не можевме да ја одбиеме. Вo меѓувреме ни се придружи уште еден негов соселанец и тргнавме нагоре.
Како се движевме, така се’ повеќе учевме за историјата на селото и здравиот ген на луѓето кои се родиле тука, а понатаму се населиле насекаде низ државата, но корените никогаш не ги заборавиле. Ни кажаа дека новото село било изградено поради полесно движење, но и поради проблемот со електрична енергија, затоа што старото село никогаш немало струја. Сепак, овие луѓе беа родени во старото Подвис, денеска напуштено, без ниту еден жител. Стигнуваме до црквата во селото, која е реновирана, со нови икони во внатрешноста, донација на фамилии со потекло од селото. Наоѓаме луѓе од Скопје, кои влечат корени оттука, па решиле својата викендица да ја изградат тука, каде што нема никој, да уживаат во мирот и тишината на планината. А струја? Па денес е барем лесно, не е како пред 100 години.
И конечно, доаѓаме до старото училиште. Помешани чувства на радост што конечно го гледаме пред нас, но и тага, затоа што е оставено да пропаѓа, без никаква грижа. Во голем дел разрушено, без никаков знак, иако некаде прочитавме дека е прогласено за споменик на културата. Дури и таблата е поставена на погрешното училиште, да не зборуваме дека нема никаков знак кој води до него, па ако не ве донесе некој од селото, како во нашиот случај, тешко дека ќе го пронајдете. Жално, а знаеш дека не можеш да направиш ништо повеќе, освен пишување на текст како овој, што можеби некој ќе го прочита и ќе се свести да превземе нешто. А веднаш до училиштето, гробот на првиот учител, Ристевски Танев Василко, роден 1905 година. Име кое заслужува посебна почит.
Нашите домаќини ни ги покажуваат своите родни куќи. Сега руинирани, со обраснати треви и дрвја, останати само камења, како последна трага дека тука некогаш живееле луѓе. Не за џабе нашиот народ рекол – „Каменот тежи на своето легло, а човекот вреди на своето родно место“. Тоа не се заборава, без разлика колку ќе пропатувате низ светот и на кои места ќе живеете. А старото село, како сцена од Македонски народни приказна. Насекаде куќи изградени од камен и дрво, кои побогати, кои поскромни, зависно од семејствата кои живееле во нив. Оттука се гледа многу убаво и новиот автопат кој се гради, но исто и највисокиот врв на планината Голјак – Вели Врв, со неговите 1535 метри, за кој си дадовме ветување дека ќе го искачиме.
Се враќаме назад, попатно ни ги покажуваат спомен плочите и гробовите на многу херои кои го дале животот за Македонија, како војводата Арсо Мицковски и еден од учесниците во НОВ, Наќе Спасеноски.
Доаѓаме во новото село и како сите добри домаќини не викаат на кафе. Разговорот завршува со праќање на нашите фотографии кај нив, да остане еден спомен, за една средба и едно село.