Notice: Function _load_textdomain_just_in_time was called incorrectly. Translation loading for the wordpress-seo domain was triggered too early. This is usually an indicator for some code in the plugin or theme running too early. Translations should be loaded at the init action or later. Please see Debugging in WordPress for more information. (This message was added in version 6.7.0.) in /home/nomayisn/public_html/wp-includes/functions.php on line 6114
Село кое не постои, а постои - No Man's Land

Село кое не постои, а постои

20, Април 2019

 

Глобочица, многумина ја знаат како брана, како вештачко езеро, но на западните падини на планината Караорман е сместено селото Глобочица, кое според нас е едно од најубавите села во Македонија.
Село со необична историја. Потопено пред повеќе децении со цел да се направи вештачкото езеро, но жителите кои тогаш принудно беа преселени во Струга, љубовта кон родното огниште ги враќа назад и покрај брегот на езерото подигнуваат населба, за да создаваат нов живот.
Нема пат да стигнеш до селото, освен ако имаш чамец.

Но, ние тоа не го знаевме. Дојдовме околу пладне и го гледавме селото на другата страна од брегот. Навигацијата покажува дека нема пат. Езерото пред тебе, селото на другата страна. нема ни чамец, но има малечко дрвено пристаниште. Во дилема како, решивме да фотографираме од далечина и да си заминеме.
Следен пат, ќе побараме начин.
Слушнавме звук на мотор од чамец, ни се сретнуваат погледите кои низ насмевка заискруваат и едноставно знаеш дека има секогаш зошто и затоа, на овој свет.
Чамецот се приближи и од него излегоа неколкумина кои биле во селото на гости. Го запрашавме човекот што возеше дали би сакал да не префрли, нормално би платиле за услугата.

Тој широко се насмевна и кажа, добредојдени сте, иако за неколку часови сите си одиме од селото, зошто утре е работен ден. Така дознавме дека ова е село кое живее само во викенди.

И така ја добивме оваа неверојатна приказна за селото потопено, за езерото новосоздадено, за многу тајни сокриени под една вода, за манастирот Св. Илија од 15 век кој е потопен, за манастирот Св. Илија од 21 век кој денес на брегот на езерото е возобновен.
Возиме преку езерото, и гледаме каква природа и каква убавина некој фрлил на ова мало парче земја. Зеленило на падините, зеленило во водата, а тој ден небото имаше буквално нацртани облаци.
Кратка прошетка помеѓу четирисеттината куќички, влеговме и во манастирот, беспрекорно иконописан од некој нов мајстор. Чисто е и сê е многу уредено.
Камен плоча од потопената црква  е вградена во новоизградениот објект.
Доаѓаат луѓе, не поздравуваат, некои не прегрнуваат ,како да не познаваат долго. Не нудат со храна и пијалак, просто се чувствуваме засрамени што им упаднавме како непоканети гости во тој заборавен рај.
Како градевте, без пат со единствен пристап преку вода, ги запрашавме…
“Камен по камен. Напорно, но, некако убаво. Сите го носиме духот на некогашното село“, ќе речат.
Ги гледате лицата и рацете на една група луѓе кои изградија нова животна приказна.
“Сите некако долго време страдавме дека црквата ни остана потопена. Но, со возобнувавањето, направивме чекор да ја извадиме над вода. Сега, после цели 50 години, таа е тука”-ни објаснуваат.
Бараме да погледнеме стара фотографија од потопеното село.
Веднаш еден од жителите се упатува кон својата куќа и носи една прекрасна стара врамена слика.
Раскажува легенди и митови, кажува дека и денес тука чуда се случуваат, зраци навечер, звуци во ноќите….паѓаат и муабети за фудбал, за спортски кариери во некој струшки клуб, се носат исечоци од стари весници….убавина од сеќавања.
И како да си заминеш?
А време е за разделба, со овој нестварен крај. Одиме кон чамецот, моторот се пали. Тргнуваме кон другата страна на езерото.
Нешто ти стои во грлото, како неискажана емоција, како тага што напушташ еден заборавен рај.
Додека го подготвуваме текстот наидовме на едни стихови, напишани токму за Глобочица од македонскиот поет Јован Котески, кои доаѓаат како убав крај….
„Ако сакаш да си го скротиш целиот немир од душата,
дојди тука,
во оваа припитомена дивина,
и за миг од возрасен, си дете“

You may also like

Leave a Comment