Село во кое некогаш течел мед и имало мир

Зборовите кои не се запишани, не можат да се читаат и умираат со луѓето. 

Ако никој не ги запише, ќе потонат во ништожност. 

Само времето е постаро од зборовите…

Вака некако би го започнале текстот посветен на едно село, во кое според пописот во 2002 година имало 10 жители, а денес има според кажувањата само 1. Ние не сретнавме ниту еден.

Какви зборови да запише тој еден жител и кои луѓе би ги читале?

Овде времето не е постаро од зборовите, овде времето запрело одамна.

Метимир, село во областа Ѓават-Кол, на источните падини на Бигла, оддалечено 30 км североисточно од Битола.

На некој писател, ова село може да му послужи како инспирација за некое имагинарно село.

А нас ни послужи како инспирација за место на “Заборавените патеки низ Македонија”. По некој збор напишан за ова мало, заборавено и прекрасно село, да остане запишан. За да не остане ништожно.

На влезот на селото, обрастена во густо зеленило, лежи стара црква. Минуваме низ селото, во кое нема звуци, а дрвата по дворовите имаат плод, летни круши, сливи и јаболкници. 

Нема мачки да се тегнат на сонцето, нема ни куче од некаде да ни залае. 

Селото е празно, како станица на некои вечни преселби, место како избрано за некои талкачи по земјата, кои не можат корен да си најдат, ни гнездо во кое ќе слетаат и од кое ќе одлеатаат. 

Куќите се скоро сите обрастени со бршлен и коров. Во дворовите молк, нема детски насмевки.

Народот има свои верзии. Македонската википедија одлично ги нотирала: 

По кажувањето на мештаните од село Метимир, името на селото различно се објаснува. Името има чист македонски карактер. Кај поголемиот дел од населението, поготово кај постарите може да се чуе следната легенда за потеклото на името на селото: “Селото уште во својот најстар период го сочинувале шест до осум куќи – колиби. Сите жители биле од еден род, една крв. Помеѓу нив владеела братска љубов; за сите спорови и несогласувања се решавало на најдобар начин за сите – родбински. Бидејќи целото нивно внимание било свртено на подобрување на нивниот економски живот, тие имале сè што им било потребно за живот. Уште повеќе, по својата географска положба селото било оддалечено од сите патишта, па така било поштедено од секакви зулуми и грабежи. Бидејќи во селото сè било како во мед и во мир му го дале името Метимир. Директното толкување на зборот Метимир значи: “имаат мед и млеко”, кое што по пат на разни трансформации се престорило во Метимир“.

Како музеј на отворено во кој ќе видите од покуќнина до алат во дворовите, како изградена филмска сцена со ситни детали, а филмската екипа завршила со снимање и го напуштила филмскиот град, како нестварна ситуација во која сте се затекнале, гледате со свои очи каде некогаш се случувал живот.

Заминуваме по земјениот пат.

Селото го оставаме зад нас. Одиме пешки кон Обедник, од десната страна не дочекува поглед кон Стрежевското Езеро и таму некаде не гледа Пелистер.

Зошто толку убав крај, останал сосем празен?





Leave a Comment