Небрегово, село во кое е роден чуварот на зборот

Патиштата низ Македонија, некогаш без план ќе ве донесат до места, во кои доаѓате случајно, а откривате историја. Така едно кружење низ патиштата во Пелагонија, случајно не однесе до селото кое е сместено во најоддалечениот агол на оваа котлина, во Небрегово.

Тука е роден корифејот на нашиот јазик, напаѓан и воздигнуван, интеграциски автор, кој ги поврза вековите за македонскиот јазик на најубав начин, тој уметник на зборот…. Блаже Конески.

До Небрегово од Прилеп има 20км. Патот е асфалтен и е релативно нов, иако е тесен за разминување. Селото лежи на јужното подножје на планината Бабуна, во еден ридест предел на надморска височина од 700 м.

Во куќата во Небрегово, Блаже Конески е роден во 1921 година, а живеел до својата 10-та година тука, кога семејството ја продало и се отселило во Прилеп. 

Оттогаш куќата била во сопственост на разни луѓе, за на крај да биде оставена на забот на времето. 

Неа пред неколку години ја купи приватен сопственик од Скопје, а за обновата се заложија членовите на фондацијата „Небрегово“.

Реконструкцијата одела брзо и за кусо време камената куќа го добила автентичниот изглед.

Таа претставува типична селска куќа, со приземје и спрат. Изградена е кон крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век.

“Конески е наша историска неминовност, јазичен гениј со кого се раѓа новата поетска космогонија втемелена на неговите, т.е. наши претходници со призвук на нашите легенди” ќе напише Старделов. Да потсетиме, Конески е автор на Граматиката на македонскиот јазик, на Историската фонологија, на Историјата на македонскиот јазик, на Правописот на македонскиот јазик (заедно со Крум Тошев), под негова редакција излезе Речникот на македонскиот јазик. Биографијата му се состои од 500 единици, 27 книги од областа на јазикот и 22 збирки поезија.

Додека стоиме на платото пред спомен куќата, во еден совршен мир, селото е скоро празно, доаѓа ехо од размисли колку јазикот наш е во интимна врска со традицијата, со нашата колективна свест. И што правиме денес? На памет ни доаѓа и онаа одамна кажана вистина “каков му е јазикот на народот, таков живот живее”.
И тука се поставува прашањето како ние се однесуваме кон македонскиот јазик, кон залогот што ни го остави Конески? Каква е нашата свест за неговото значење? Знаеме ли дека одамна е кажано дека народите што ќе дозволат да го изгубат својот јазик, како основна клетка на нивната култура, ќе се изгубат и себеси.

Секој од нас треба да дојди во Небрегово. Ние дојдовме случајно. Но, тука треба да се дојде со план и цел. Како на поклонение кон научната мисла на Блаже Конески која била тивка, систематска и продлабочена. Бил истраен, енергичен и далновид. Не смееме да заборавиме на него. Спомениците можеби умираат, но споменот на најмаркантниот лик од македонската литературна наука кој го чуваше зборот како светлина за својот народ, никогаш…

You may also like

Leave a Comment