Голем Кораб е Голем Кораб

Планината Кораб, уште со своето име повикува на мистерија и љубопитност.

Таа е јужниот побратим на познатата и поголема по површина, Шар Планина. 

А фактите говорат дека Кораб е највисоката планина и во Македонија и во соседна Албанија. 

Првата средба со Кораб е впечатлива. Тој е монолитен и висок. 

Пејзажот е груб уште при завртувањето на макадамот кон селата Ничипур и Бродец, кон караулата Стрезимир. Патот води низ живописен кањон на една од притоките на реката Радика. 

Штотуку се разденува, пред нас е ведар ден, што наговестува величенствен ден на планината која толку ја посакувавме. 

Почетната точка е караулата Стрезимир која е на надморска височина од 1.450м.

До Голем Кораб не делат 5 часови непрекинато искачување во должина од 10 километри и конечно до врвот од 2.764м.н.в.

Првиот дел од искачувањето е шумовит појас, некако очекувано за нас. Крајот е на летото, па не знаеш дали природата е веќе темно зелена или најавува златна есен.

Полека излегуваме на бришан простор, на Шакировото бачило.

Не дочекуваат тројца љубезни овчари кои нудат да правиме појадок со нив. Сирењето е сон.

Продолжуваме….

Сонцето ги засјајува врвовите на горскиот амфитеатар кој се отвара пред нас.  

Овците одамна заминале во долината, ги нема повеќе звуците на прапорците и кучињата. Апсолутно сме сами во планината.

Уживаме во секое движење и секој чекор, а над нас е кристално сино небо.

Маркациите се свежи и јасни и не водат во правец на југозапад. На спротивната страна се пружа поглед на последните, јужни ограноци на сивата Шар Планина.

Се отвара поглед кон една неверојатна сончева долина на југ, за набрзо да избиеме на еден превој кој пред нас го покажува импресивниот венец на шилестии назабени планини кои личат на Доломитите.

Ги препознаваме Рибничка Скала и величествениот Каваш од некои објавени фотографи на нет.

На хоризонтот се покажува занимлив двогрб врв, кој подоцна по враќањето читаме дека бил Мал Кораб.  Ќе остане инспирација за некоја идна акција.

Денес сме тука за Голем Кораб.

Целосно сме обезмени од убавината која не опкружува, а најдоброто допрва доаѓа. 

Сега веќе газиме над 2.200м.н.в. 

Следува делница на која се движиме како по изохипси, што ни овозможува да забрзаме и и да го надоместиме времето кое го користиме за фотографирање.

Пристигнуваме до 2.500м.н.в. Гледаме и мала површина под снег, а 14 август е.

Пејзажот делува посурово. Арктички моменти. Почнува да дува. 

Доаѓаат и облаци.

Совршено, за да имаме добри фотографии. 

Конечно, доаѓаме на седлото. Тоа е и границата помеѓу Македонија и Албанија. 

Кога ќе ја погледнете мапата, има и еден куриозитет. Линијата на разграничување е точно кај врвот и тука прави кривина од 90 степени.

Се’ што е западно од врвот е Албанија, но и една долина на источната страна.

Врвот е тука, погледот е спектакуларен…но часовникот чука.

Сенките од сонцето полека се повлекуваат од пасиштата и одат кон врвоите.

Кораб е грандиозен, но делува повлечено.

Некоја грациозна срамежливост нуди највисоката планина во Македонија.

Убавините извираат од секој камен и секое плато.

Ова е можеби најфотогеничната планина во Македонија.

Уште ако погодите ден како “нашиот” ќе ви подари танц на сенки и светлина по тие пространства кои имаат и алпски фасети и месечеви предели. 

Кораб ги оправда очекувањата на апсолутен фаворит.

Поминавме скоро 21км, со вкупно 1.300 метри искачување и исто толку спуштање. Кораб е спектакуларен на свој начин. Има моменти на Шара, на Алпите, можеби и на Дурмитор….има волшебно искачување. И таа вода која се цеди од камењата…и тој волшебен миг на средината на август, кој почнува на планините да мириса на рана есен, а лето е.
Паѓа мрак над Македонија.
Возиме кон дома, а во главата но се мотаат идеи за следни искачувања и кружни тури на волшебниот Кораб…водопадот Длабока Река, Мал Кораб, Бабин камен…

You may also like

Leave a Comment