Notice: Function _load_textdomain_just_in_time was called incorrectly. Translation loading for the wordpress-seo domain was triggered too early. This is usually an indicator for some code in the plugin or theme running too early. Translations should be loaded at the init action or later. Please see Debugging in WordPress for more information. (This message was added in version 6.7.0.) in /home/nomayisn/public_html/wp-includes/functions.php on line 6114
Уживање под каменото небо - No Man's Land

Уживање под каменото небо

Од памтивек се раскажувале митови и легенди  за места на ова тло.
Митовите се држеле за божествените суштества, а во легендите се опишувани подвизите и доживувањата на човечките суштества, кои скоро како да биле нестварни.
Таква е и оваа што ќе Ви ја раскажеме за пештерата Пешна и за кулите во Девич сместени во питомиот крај на Поречието.

Легендата вели дека јунакот Крале Марко, имал четири сестри, а на две од нив им изградил живеалишта во овој предел.
Во една пештера изградил дом за својата постара сестра Пешна. Додека на помалата Дева, која била најубава од сите и изградил живеалиште спроти пештерата, на еден рид кој гледа директно врз отворот на пештерата, оддалечен неполн километар на запад.
Од домот на Дева сé уште има остатоци на врвот од ридот. А пештерата верно стои.
Според имињата на двете сестри на Крале Марко се сегашните топоними на селата Девич и Пешна.
Пештерата Пешна е регистрирана како локалитет од доцниот антички период во Македонија. На влезот на пештерата постои средновековна тврдина. Остатоците од тврдината се поврзуваат со месноста Девини Кули.
Пешна е грандиозна пештера, иако не е многу длабока (70 метри), но според спелеолозите таа го има најголемиот отвор на Балканот со димензии 16,8 х 52,4м и свод од 30м височина.  Во пештерата е откриено дека на 200 метри под земјата има езерце со риби. На самиот влез постојат остатоци од ѕидините на средновековна тврдина и црква. 

Средбата со ова ремек дело на природата ќе ве остави без здив. Во горниот дел од пештерата нема да видите сталактити, но затоа погледот ќе Ви го задржат прекрасните форми направени од самата карпа, кои формираат камени формации над два метра, со прекрасен разигран релјеф. Благодарение на огромното окно, сончевите зраци успеваат да продрат до крајот на пештерата што овозможува да се прошетате низ неа

Денес пештерата Пешна е споменик на природата.
Пештерите како творба, со своите форми секогаш буделе бескрајна фантазија и бајковитост.
Па така, познатиот Њујорк Тајмс ја опишува Пешна како идентична на измислените пештери во „Господарот на прстените“. Замокот изграден внатре во пештерата во голема мера потсетува на Хелмс Дип од истоимената трилогија.
 
Но, Њујорк Тајмс можеби не дозна за Кулите на Девич или не му се вклопиле во приказните од таа фантастика, инаку ќе му дадеше некој свој епитет. Над селото Девич во кулите оградени со голема авлија од камен живеела Дева, најубавата од четитрите сестри. Таму во кулата држела и војска, раскажува легендата. “…..Војската се бранела со камења . Дева изградила и една зандана полна со вода. Од занданата до кулата имало една воденичка бука низ која заробените ги пуштала во занданата. Затворениците биле во вода дење и ноќе се дури не умреле. И денес кај занданата стои караулата каде стоела стражата. Во кулата имало и фурна каде Дева печела леб…”
Во околината на селото Девич, видливи се остатоци од градби што ја потврдуваат претпоставката дека на тој простор, во средниот век, постоела населба која функционирала како центар на целата област. Од таа огромна тврдина  денес е останат само мал дел. Ѕидините се два метра, што укажува дека станувало збор за огромна градба. Затоа дека на просторот подолу од Пешна се живеело интензивно, од XIV до XIX век, говорат остатоците. 
 
Вреди да го посетите овој изолиран дел на Македонија.
Да се потстетите на преданијата и легендите додека ја гледате оваа недопрена природа, сјајното небо, мирот и бескрајната тишина. И направете фотографии кои гледајќи ги ќе ги оживуваат Вашите спомени.
И помислете на другите две сестри на јунакот Крале Марко, со имиња Кита и Sвезда….каде тие живееле и кои легенди за нив се пределе низ Македонија…

You may also like

Leave a Comment