Notice: Function _load_textdomain_just_in_time was called incorrectly. Translation loading for the wordpress-seo domain was triggered too early. This is usually an indicator for some code in the plugin or theme running too early. Translations should be loaded at the init action or later. Please see Debugging in WordPress for more information. (This message was added in version 6.7.0.) in /home/nomayisn/public_html/wp-includes/functions.php on line 6114
Во земјата на бакарното гумно - No Man's Land

Во земјата на бакарното гумно

При едно патување низ Источна Македонија, постиравме фотографија од зајдисонце од Овчеполието и инстантно во ДМ на Твитер добивме една прекрасна топла порака од личност која не следи и не охрабрува со убави зборови во овие наши откривања на Македонија, од самите почетоци, а не се познаваме…

Тој живее многу далеку, на другиот крај на светот во Австралија. Во пораката, имаше и предлог ако некогаш можеме да одиме до селото Богословец кое се наоѓа во овој крај.

Иако бевме блиску тогаш, денот завршуваше, а не чекаше долг пат за дома…па не успеавме. Но, си ветивме себеси дека еден убав ден, таму ќе одиме.

Поминаа неколку месеци и дојде спонтано денот за нашата посета на тоа село, од кое корени влече, нашиот драг пријател од виртуелниот твитер свет.

Денот не беше сончев, беше ладен и ветровит…но за нас беше убав. Зошто во себеси имавме чувство на мала света мисија. Да исполниме ветување.

Овче Поле кое малку го знаеме, плени со една своја мистика. Втората по големина котлина на Македонија, каде Сл’нцето – архаичен збор на Овчеполци за Сонцето, свети дури три илјади часови во годината….(ќе забележи Никола Ристевски, во неговата прекрасна книга во електронско издание “Зборниче”- мал зборник за Овче Поле).

Уште во почетокот на 18 век, Јеротеј Рачанин забележал предание кое го чул во Горобинци, дека некаде во Овче Поле постоело медно – бакарно гумно затрупано со земја, каде “ќе се случело велико крвопролитие од Турака”. На враќањето од Ерусалим, овој аџија починал баш во Овче Поле, околу селото Орел. Постои и предание од една калуѓерка по име Теофанија, за бакарно гумно на четири часа од Штип, каде некоја царица доаѓала да пее со своите ќерќи. Во збирка на македонски народни песни од 1945 година се сретнува и песната Оро ми играле триста самовили, во верзија во која самовилското оро се играло на врв на планина, на рамна рудина, на бакарно гумно, на олоен стожер, оро играле ама мефтера немале, мефтера дочуле дури Овчко Поле, па ја пуштиле Ѓурѓа самовила… Во современата македонска научна литература го среќаваме медното гумно во “Митологизираното гумно во словенската народна традиција” од проф. Д-р Никос Чаусидис. 

И ние сме тука.
Меденото гумно го оставаме во преданијата и легендите. А тука сме во потрага по селото Богословец.

Гугл не води како и секогаш. Возиме по земјен пат. Неколку киломтери….по патот гледаме мала рачно направена турбина за ветер. Се присетуваме на насловите од весниците пред некое време кога пишуваше дека ќе се гради Ветропарк некаде во Овчеполието. Го “прашуваме” повторно Гугл по навика, додека возиме. Излегуваат десеттици наслови за Ветропарк Богословец, во кој се планирани 10 генератори на ветерни турбини. Зелена енергија од овчеполскиот ветер. А надвор навистина многу дува….

Пристигнуваме….

Мир и тишина. 

Обично кога влегуваме во селата, како туѓинци….лае по некое куче.

Тука нема никој….нема ни кучиња.

Празни дворови, затворени стари куќи….по некој камен пред куќните порти, на кои веројатно старите сакале да го чекаат смирувањето на денот….Отворени порти, празни птичји седела, трапови без засад, трпези без ракија….Останале горостасни ореви и по некое дрво со боз пред секој куќа, како сведоци на некои минати времиња…

По едно каменито скалило, води патека до селската црква…убава, опкружена со дрвја…

Сонцето е сокриено зад облаците, а има светлината по полето долу, како жолчка по чинијата кога ќе се разлее. Зажолтено е сѐ….есента ги сака сите бои на дуњата…видовме и еден осамен плод во еден двор. На земјата лисја, сѐ уште суви, чекаат дожд за да почнат да се распаѓаат и да ја хранат почвата до новата пролет.

Селото во лето живнува, според некои фотографии кои ги најдовме на интернет, а посебно за време на празниците. Тогаш во овие камени дворови се случува и тивок живот, се бере боз, мајчина душица…се водат разговори за минатото…за иднината.

Во длабока есен, сликата е тажна. Низ градите ви минува некоја тага, додека нашите гласови ја параат густата тишина на овој крај. 

Ова е село на чешми, ги има неколку, на нашите фотографии ја има убавицата од чешма “Галевска чешма”.

Ова село било вистинско гнездо на македонскиот патриотски дух и на организираниот црковен живот. Има богата историја.
До 1965 година селото било познато по рудникот за азбест, кој бил единствен во Македонија. Подоцна, со затворањето на рудникот и раселувањето, селото опустело, во последниот попис во 2002 имало четворица жители, а во еден новинарски напис од 2006 година, наидовме на податок дека тука постојано живееле во таа година, само двајца жители.

Ова е село кое можете да го препознаете и во филмски сцени.

Според некои, ова е најсниманото село во Македонија. 

Првиот филм што е снимен овде е “Ликвидатор”, на Столе Попов, кој ја прикажува судбината на селскиот рудник.

По него, Стево Црвенковски најголемиот дел од својата приказна во “Црвениот коњ” ја лоцирал и ја реализирал токму во Богословец. За филмот “Пред дождот”, на Милчо Манчевски, овде се снимени повеќе секвенци, а и значаен дел од филмот “Преку езерото” на Антонио Митриќевски, е снимен овде. Тука се реализирани и неколку аматерски филмови, а теренот го испитувале и неколку странски филмски екипи. Ова е село со типично македонски планински амбиент. Тоа веројатно било одлучувачко кога е ставено на листа на филмски локации. 

Време е за разделба.

И за размисли за овој крај, за сакралниот шаманизам и древните учења кои евидентно ги има низ историските книги, токму тука.
А во старите народни песни, преданија, гатанки, митови и легенди може да се забележи дека често небото е плоча која ја покрива земјата, поле или полјана.

Вир без дно, но и немерено поле со неброени овци и рогат овчар, и медно гумно со старец чувар.

Овие митотопоними означуваат сакрални места и симболично го опишуваат светот онака како што го разбирале нашите предци…. е така се почувствуваме овде.

Во оваа недогледна котлина, со толку многу за нас неоткриени места.

You may also like

Leave a Comment