5, Јануари, 2019
Спокојно молчи Сливничкиот манастир и спие. Камбанаријата до него стражари и бдее. Сливничката Река мирно тече, додека така молчи стариот манастир и шири мир.
Манастирот “Рождество на Пресвета Богородица” и селото Сливница се нераздвојни. Можеби затоа, надалеку е познат како Сливнички Манастир. Додека Планината Баба, на чии падини од преспанската страна е позициониран манастирот, му се восхитува на овој духовен светилник, на неговата историја и на неговите пукотини кои го прават вреден, манастирот веројатно му се восхитува на планината која е вечно млада, се обновува секоја пролет. Во тој восхит им поминале векови, само “младоста” на Баба и “староста” на еден Манастир, под буковите шуми, останува иста.
Така ги затекнавме, во еден јануарски ден, беше 5 јануари, добро се сеќаваме, зошто зедовме Бадникови гранки. Ги затекнавме и планината и манастирот, сокриени од погледите на оние кои тика доаѓаат главно во пролет, лето и есен.
Во помалку од еден час одење пешки од селото Сливница до манастирот, пат долг 3 км, сонцето промена толку многу прекршувања на хоризонтот, што фотографиите како да не се направени во ист ден. Веројатно кратките јануарски денови, кога сонцето не радува, се такви…брзи и со чуден светлосен ореол. Спокојот се вовлече во нас, уште кога го здогледавме манастирот. Ниеден од нас не сакаше да праша дали ќе биде отворен, за да влеземе, зошто на асфалтниот пат прекриен со снег, остануваа траги само од нашите стапалки. Но имаше трага од гумите на мотор….тоа беше еден знак дека можеби имаме среќа.
Како никој не излезе од конакот, а портата беше отклучена, влеговме во дворот и подвикнавме не многу силно “Добар ден”. Се слушнаа бавни чекори. Се појави блажено лице на еден стар човек кој во рацете носеше сечени дрва за огрев. Го прашавме дали му треба помош? Рече не, тоа е единствената гимнастика која во зима ја прави.Ведар, речит и со радост ни ја раскажуваше приказната за животот на овој манастир. Добро е да кажеме дека овој наш блог е едноставен раскажувач на импресии од нашите откривања на Македонија.
Немаме претензии да правиме копи пејст, па дообработка на податоци земени од книги или нет поврзани со местата кои ги посетуваме. За нив читаме и пред да одиме, а посебно посветено читаме откако ќе се вратиме. Затоа текстовите не се со претензија да бидат информативно или научно оправдани, тоа со голема почит им го оставаме на луѓето кои години од своите кариери посветиле на тоа, а денес благодарение на интернетот многу нешта се достапни за секого. Затоа раскажувањата на локалците, се тие кои ни прават посебен впечаток, некои се митови, некои легенди, а некои и вистини.
Вистина е дека манастирот датира од 1607 година. Експертите посебно се занимавале со прекрасниот живопис во олтарот и наосот, изведени од една зоографска тајфа, во која се истакнуваат двајца мајстори. Испреплетени се сцени од неколку новозаветни циклуси. Прочитавме дека посебно на јужниот ѕид во олтарот е насликан Св. Кирил Филозоф, а најголема специфика е портретот на младиот битолчанец Купен, кој добил значајно место и е нацртан со посебно внимание. Внатре доживувате посебен мир, кој веројатно е единствен меѓу такви ѕидови, буквално си го слушате тропањето на срцето. Читате и пораки, оставени од жени што сакаат да добијат пород.
Толку многу векови на духовност и историја се стопило во секој еден камен на манастирот кој безброј пати бил цел на разорни сили, па и идеи. Преживеал сé, надживеал сé… останувајќи тивко место за повлекување, комуникација со Бог, природата, со себеси….место на психолошка и духовна обнова.
Заминуваме, за збогум старецот ни дава бадникови гранки…пред нас се Големите Празници. А ние си помисливме, ќе дојдеме повторно…овде треба да се доаѓа секогаш кога Ви треба мирен разговор со себеси.