Ако Штавица е филмското село во прилепскиот дел од Мариово, кога зборуваме за битолскиот, тоа дефинитивно е Маково. Се наоѓа на петнаесеттина километри од Новаци, распостелено на двете страни од патот.
И не велиме дека е „филмско“ само заради неговиот изглед, бидејќи делува како извадено од сценографија на некој високобуџетен историски филм, туку и затоа што тука се снимале неколку филмски проекти. Две години туку престојувала филмската екипа од Турција, која ја снимаше во тоа време најпопуларната турка серија „Збогум Румелија“, а подоцна и Столе Попов со екипата за македонскиот „До Балчак“.