Галичица. Зимско искачување.

Вториот ден од Новата 2021 Година сакавме да го посветиме на највисокиот врв на нашата омилена Галичица, врвот Кота (2.265 м.н.в.)

Зимските акции се сериозна работа.  
Од опрема: камашни, дерези, стапови, слоевита облека, термоси со чаеви. 

Од физичка подготвеност: добра кондиција.

Од информации: сѐ од нет, но и пријатели планинари од овој крај, од кои претходниот ден дознаваме дека на искачувањето не очекуваат наноси на снег, но сѐ уште покривката не е дебела.
Прогнозата која прецизно ја следиме ние, а и по информациите од локалците ни најавува совршен ден. 


Пристигнавме на нашата точка за искачување. Ниски облаци врз Магаро кои брзо се движеа, запалија мал аларм дека ќе немаме перфектно сино зимско небо и веројатно горе дува силно.
Почнавме да го совладуваме искачувањето низ шумскиот појас.

Снегот е сув.

Жбунестите растенија и дрвата се заснежени и замрзнати. Природата ја затекнуваме во мраз, што е сосем нормално за овој период од годината. 


Се движиме бавно.
Сонцето се пробива низ со мраз закованата шума и имаме интересни призори како во “Нарниа”.

Излегуваме од шумскиот појас и чувствуваме дека силен ветер дува и носи снежни наноси. Тоа е знак дека ќе станеме побавни во искачувањето.
А секоја минута во кратките зимски денови ни е важна. 

Ветерот станува се посилен. Ниски облаци го заробуваат сонцето и тоа изгледа како месечина. 

Одиме понатаму.

Арктичко сценарио. Влегуваме во облаците и одиме нагоре. 

Размислуваме како прогнозата киксна овој пат. Слушаме гласови.

Група планинари се спушта. Не ни е реално времето, ако тргнале еве и еден час пред нас. Дознаваме дека се откажуваат.

Ова е ден за оркански ветрови на највисоките точки од Галичица. 

Игра на ветер и мраз. На дехидриран снег кој ветерот го забодува во кожата на лицето.

Пејзажите на тој силен ветер се како вајарско дело на мајката природа. Мрзнат дланките за да може со камерата да фатиме некои фотографии. И уште чекаме добра сончева експозиција од облаците за да фатиме предел низ магла и облаци. 
Планот за Кота го откажуваме. 
И да не биде денот залудно скратен, а уживањето планинско сепак да го имаме решивме да повториме некои стари и некои нови пониски патеки, на планината која во зима е особено убава.


Направивме и зимски пикник на една сончева падина седнати на снегот. Можеби на искачивме врв, но изодевме 12 километри во снежни услови. 

Ова е првото зимско искачување за оваа година.
Со радост ги очекуваме и следните. 

You may also like

Leave a Comment