Источна Македонија има долга и бурна геолошка историја. Подрачјето се одликува со разновидна геолошка градба, која значително влијаела врз релјефот кој изобилува со фантастични гео-пејзажи.
Така, на одредени планински делови се среќаваат карпи стари речиси една милијарда години. Да ги споменеме гнајсевите и микашистите на Осогово, а во речната долина на Брегалница и нејзините притоки, карпите се млади и нивната трансформација е евидентна и во денешно време.
Во овој регион имаме и појави на вулкански карпи и структури што претставуваат остатоци од вулканската активност на овие простори. Околу Пробиштип, Злетово и западно од Кочани има десттина добро изразени вулкански купи, а на некои од нив сѐ уште добро се сочувани и самите кратери.
Но, шармот на Источна Македонија се нејзините скоро невидливи микроспостори. И без разлика дали се тоа пештери, купи или клисури, за сите заедничко е едно: тие се раштркани и на картите слабо воочливи, па можеби затоа останале не толку славни.
Денес во носиме на една интересна прошетка низ коритото на Кошевска Река на планината Плачковица. Таму се наоѓа минијатурниот кањон Камник кој е составен од уникатни камени форми на тесни премини и високи ѕидови.
Некаде го класифицираат во клисури, некаде се води како кањон. Но, според она што го видовме тој е гео-пејзаж кој има длабоко всечени клисури со кањонски делови.
Не станува збор за некоја импозантна територија, ако се земе во обзир дека Големиот Кањон во Ариозна има површина колку една Швајцарија, ја нема ни длабочината на Викос кањонот во Загори регионот на соседна Грција.
Но, Камник е убава комбинација на предел со феноменален геодиверзитет.
И се разбира, Камник е наш.
Се наоѓа во близина на селото Радање, Штипско.
До него води земјен пат.
Нема таков миг пред Вас да се исправи кањонот со целата негова импозантност, но одејќи пешки и влегувајќи во него, се вљубивате во неговата минијатура која на симпатичен начин воодушевува.
Ние не бевме многу мудри, не најдовме многу информации на нет, па избравме релативно лош период за негово истражување. Доцна есен, ден после неколкудневен дожд. Имавме авантура на пролизгување и неможност да го изодиме до крај. И таа минијатура од кањон, го потврдува правилото дека и малите реки се моќни, инаку како би создала малата Радњанска Река, ваков вистински кањон?
Оние кои имаат основни познавања од геологијата, тука веднаш забележуваат различни карстни релјефни форми, со геоморфолошки особености на клисурата и поширокиот простор, со палеозојски карпи, но и масовни варовници.
Камник е интересна и за наши претстави маркантна релјефна форма, со сепак мала должина од 1,5 км.
Кањонот се карактеризира со чести промени на правецот “меандрира” што е резултат на различен геолошки состав и тектонски карактеристики. Страните се доста стрмни. Толку стрмни, скоро вертикални, па затоа се нарекува и кањон.
Настанал како вертикално всекување на речното корито на реката Радњанска. Но во конечното обликување значајна улога имала и карстната ерозија.
Камник е камена формација која мора да ја посетиме уште еднаш, во помудро избран период од годината и со пристап не од патеката по речието, туку од онаа повисоката од која ќе имаме убав поглед кон овој камен убавец кој заслужува вредно внимание.
Му најавуваме блиска средба идната пролет.