Тресонче носи само мир … и еден Син Вир

​Колку повеќе ја шеташ Македонија, толку повеќе се заљубуваш во нејзиниот раскош и скриени богатства. Сепак, и ние си имаме места фаворити на кои сакаме често да им се навраќаме. Го обожаваме цел мариовски регион, во последно период и Малешевијата, но посебно место во срцето кај нас има и Реканскиот крај. Започнувајќи од патот заобиколен со шуми и планини, па до величествените врвови кои сме ги искачиле, црквите и манастирите, луѓето кои ги среќаваме, но пред се’ селата кои опстоиле, на овој можеби по површина не многу голем, но премногу моќен дел од нашата држава. 


​Ова е текст за Тресонче, срцето на Мијачијата, иако гордите Мијаци од другите околни села, сигурно нема да се сложат со оваа констатација.

И тоа е секогаш убава дискусија, кога слушаш луѓе, горди на своето потекло, како се ставаат во одбрана на местото од каде потекнуваат нивните предци. И таквите дискусии никогаш немаат крај, ниту победник. Но едно е сигурно, сите тие знаат дека им е заедничко што потекнуваат од овие краишта и меѓусебно секогаш ќе се поддржат. Во добро и лошо. А ова е текст како ние го доживеавме Тресонче, затоа што за историјата на самото село е толку многу пишувано и раскажувано, што не знаеме што би додале.



​А вклучувањето на сетилата на макисмален погон започнува уште кога се издвојувате од главниот пат. Обрасната шума, со реката која ве следи во вашето движење, само да ве потсети дека природата кога дарувала тука, воопшто не била скржава. И некако сакате тој пат да потрае што подолго. Не сметаат ниту дупките на него, ниту кривините. И стигнуваме до селото. Таму една стара, сега реновирана коперација, што ја користат за седење тресончаните кои се исселиле со тек на времето, но често доаѓаат тука да го користат својот одмор и викендите. Не’ отпоздравуваат и веднаш започнуваат да ни раскажуваат за селото. А тоа, во самото срце на Бистра, заобиколено со шуми и планински врвови и распослано во неколку маала. Ни покажуваат од каде да одиме до најпознатиот водопад тука – Син вир. Се упатуваме кон него, па после неколку километри пешачење низ шума, придружувани од Тресонечка река, стигнуваме до овој убавец на природата. Затскриен, не многу популарен, но вреди секој изоден метар за да се стигне со него.

Се враќаме назад кај нашите домаќини, а тие повеќе од гостопримливи, сакајќи во еден ден да ни покажат што се’крие ова магично село, ако тоа воопшто е возможно во толку малку време. Влегуваме во црквата „Свети Петар и Павле“, чии икони се насликани од најпознатиот тресончанец и најпознатиот балкански иконописец – Дичо Зограф. За тоа каков впечаток ни остави самата црква, во некој друг текст, затоа што не може да се опише само во неколку реченици. А ние ја посетивме и спомен куќата направена во чест на Дичо Зограф. И сето тоа по иницијатива на овие добри луѓе кои не забораваат од каде потекнуваат нивните предци.


Тресонче не’ потсети какви луѓе живееле на ова тло. На кое место успеале да создадат село уште во XV век. Без разлика дали зборуваме за периодот под турско ропство, илиндеснкиот период или периодот за време на НОВ. Па не може ние тука да сме биле слепо црево и сите работи од историјата на Европа и светот да започнувале или да се одвивале на некое друго место. Многу работи започнале од кај нас. Нем сведок е ова село и сите луѓе кои живеле тука.

А наше е да ја продолжиме нивната мисија.






You may also like

Leave a Comment