Црвеникамен

Помеѓу минатогодишните снегови и овие кои сега доаѓаат, на оваа планина живеат луѓе.
Пасиштата се нивното место. Место на кое се храни стоката, за тие да имаат полесна зима. 

Јабланица е една интересна приказна.
И се навраќаме во неколку годишни времиња.
Овој пат им ја посветуваме на луѓето кои тука живеат. И на кои планината им е дом. 

Така, со нивна придружба го откривме Црвеникамен (го изговараат како еден збор и тврдат дека е еден збор, па оттука одлучивме и ние да го користиме вака овој топоним ). За нив Црвеникамен е врв, а за некои само височинка над селото Подгорци.

Овој дел од Јабланица е интересен кога се гледа на геолошката карта. Има и суров камењар, но и питоми шуми  и ливади.  Она што фасцинира се камењата, обоени од сиво до црвено. Веројатно станува збор за стари геолошки слоеви на вулкански, метаморфни карпи, кои делат исто потекло. 

Пределот е тревест и лесно достапен. 

На тронот Црвеникамен дојдовме од селото Подгорци. Не следeвме обележена патека, затоа што ја немаше. Но, имавме друштво од двајца жители на селото Подгорци кои планината ја знаат како сопствениот џеб. Тие прво не водеа низ шумскиот предел, вешто менувајќи ги само за нив познатите раскрсници на тие за нас тотално непознати планински патеки. 

Црвеникамен за жителите на Подгорци им доаѓа како култно место. Не знаеа да ни објаснат зошто, но еднаш годишно на крај на јули, тие тука се искачуваат. Ова за нив е место со посебна енергија. А и имаат право, оттука се отвара најубавиот поглед кон врвот Стрижак. Ова место со векови било место за собирање за тој јулски ден. Тука се славело, се делела правда, се среќавале со соседите кои се отселиле, со заборавените роднини и пријатели. Нешто како место за нови средби и стари спомени.

Од оваа точка имате поглед на најубавите пасишта на оваа страна на Јабланица. Токму тие пасишта била место за опстанок на ова некогаш главно сточарски ориентирано население. 

Есента се гледа низ објективот на камерата. Есента на Јабалница во цел свој сјај. 

Ова беше убава прошетка во која немавме потреба да следиме никакви планинарски знаци, зошто ги немаше.

Следевме патеки на овчарите и сточарите од Јабланица. И уживавме во прекрасните погледи, раскошни погледи на ова посебно место. 

Питкото октомвриско сонце на заоѓање не испраќа од таа таинствена земја на планината Јабланица. Необична убавина и мистика, делови изолирани, далеку од жилите на комуникацијата. Опиени со виденото и доживеаното, слегуваме во долината, кон населбите, каде потомците веќе ги користат сите придобивки на цивилизацијата.

Дали тие самите или некои нивни идни потомци некакогаш ќе се вратат да живеат во планината? 

You may also like

Leave a Comment