Notice: Function _load_textdomain_just_in_time was called incorrectly. Translation loading for the wordpress-seo domain was triggered too early. This is usually an indicator for some code in the plugin or theme running too early. Translations should be loaded at the init action or later. Please see Debugging in WordPress for more information. (This message was added in version 6.7.0.) in /home/nomayisn/public_html/wp-includes/functions.php on line 6114
Цер - подвиг и финале на едно херојство - No Man's Land

Цер – подвиг и финале на едно херојство

18 Август, 2019

По еден тесен асфалтен пат кој потоа се претвора во земјен, се возиме во еден идиличен крај кој не знаеме дали припаѓа Кичевско или Демирхисарско.

Каде и да припаѓа, си велиме во препирките редовни кога се возиме, важно е дека е уште еден неоткриен крај на Македонија, како заклучок со меѓусебно намигнување или како потврда, кој е поголем географ.

Цер е нашата цел.

Паркиравме на почеток на селото.
Од никаде никаков звук.
Освен звукот на една птица кукавица.
Упорно се слушаше нејзиниот тажен пој.
А беше нестврано убав августовски ден, но тоа пеење како да најави дека тука смртта се соочувала со желбата за живот на еден свиреп начин. Газиме на тло со голема историја.
Цер е револуционерско село, истакнато во песни и преданија, но многу малку пишувани документи кои во 1903-та година изгореле по задушувањето на Илинедсното востание. Цер е селото каде е закопан комитата Христо Узунов, заедно со неговата чета.

И додека одиме по тесните селски улички, сосем сами и љубопитно ја гледаме архитектурата на старите церски куќи, среќаваме две жени на некои 70-тина години возраст, кои ведро не пречекуваат и љубопитно не прашуваат дали сме прв пат тука. Почнува дијалог, им кажуваме за намерите да уживаме на еден ден во едно ново, за нас неоткриено македонско село. Уште повеќе насмевки на нивните лица и прашање, дали може да не дружат до гробот на Узунов.
Секогаш е радосна средбата со локалците, од нив извира и радост за животот, без разлика колку бил животот дарежлив кон нив и искра на скриена тага во очите, зошто најчесто ги навраќаме на спомените назад.
На едната жена и затрперува гласот кога дојдовме до гробиштата, го впери кажипрстот кон небото, гест кој кај возрасните луѓе значи дека сакаат да кажат нешто важно и ни рече:

Од дедо, прадедо сме слушале дека селото било сардисано.Топовите навртени. Вперени кон Цер. Четата на Узунов во селото. Условот бил да се предадат или целото село ќе биде пеплосано и младо и старо убиено.

И во приказните и во животот вистинските херои не се предаваат. Војводата ја дал последната наредба, сите сами да се убијат!
Слики од тој миг, ти излегуваат пред очите, ти се мешаат со широките полиња позлатени на крајот на летото, некој микс на тага и мед. Прашлив тесен пат на отворено поле и мала шума, недоволна да ги сокрие покривите на куќите во кои има живот. Тоа е тој спој на живот или смрт.
Останавме подолго на гробиштата, сите замолчивме…коските на хероите почиваат тука и можеби овој спокој денес тука и таа мека земја се добро место за вечна починка.
Се разделуваме со двете жени, одиме низ тивките улици.

Среќаваме мачки кои не бегаат од нас, од еден прозор се слуша македонска народна песна, во еден двор паркиран стар фиат кој еве издржал, коприви во меѓите, џунџулиња пред капиите…и тишина. По некој звук на кокошка слушаме, една крава која пасе низ жолтата трева во тој Август. На средсело, типична зграда како Дом, на неа некои стари натписи и избледени постери од некои далечни избори.

Неколку цркви не пречекуваат на влезот и на излезот од селото: Св. Никола, Св. Петка, Св. Атанас, Св. Спас и Прсевета Богородица.

Многу цркви за едно мало село, мало денес….а големо некогаш.

Време е за збогум и со Цер и со Узунов.

Разговараме меѓусебно за подвигот во  Цер  кој претставува финале на големата биографија на Узунов.
Во тој легендарен настан е вплетена цела историја на неговиот живот, дадени се оправдувања на идеите за кои живеел, на принципите за кои се борел. Во тој негов подвиг е искажана целата добродетел на херојот, да ја покаже на дело својата верност кон македонското ослободително дело, и да им служи како пример на останатите генерации.

Трагедијата во Цер претставува крај на неговите желби и стремежи да се вивне кон светлите часови на слободата.

Фрламе поглед низ ретровизорот назад кон селото и имаме впечаток дека тој поглед милува. како да не сакаме никој повеќе да му наштети.

You may also like

Leave a Comment