Одиме на Вртешка?

Битолчани се горди луѓе. Горди на славното минато, клавирите, конзулите, Манаки, Кемал Ататурк, првата гимназија, Широк Сокак. Но, има една работа која им го дава цело право за таа гордост, независно од се’ претходно наведено. Грандиозната Баба планина. Распослана помеѓу Пелагонија и Преспа, на само неколку километри од Битола, не може да ве остави рамнодушни. Дали со своите шуми и надалеку познатата молика, дали со своите глацијални езера или десетиците врвови со преку 2000 метри.

Овој текст не е за нејзиниот највисок врв, но сигурно за еден од најубавите. Вртешка. Ако одите од Ресен кон Битола, ќе ја забележите гордо издигната пред превојот Ѓавато, од десна страна, како се раздвојува од другите гребени. И точно од овде го започнавме нашето искачување, од црквата “Успеасение на Пресвета Богородица” на овој превој, иако Вртешка може да се искачи и од едно од најубавите потпелистерски села – Маловишта. Од точката на стартот, па до самиот врв има околу 6-7 километри одење. И тука на почеток, знак, кој го означува почетокот на националниот парк Пелистер – најстариот национален парк во поранешна Југославија.

Првите 3-4 километри се движевме низ шума и уживавме во спојот на мириси кои го создава растителниот и животински свет кои живее тука. Откако ќе заврши шумскиот дел, посебно во период на доцна пролет, како што бевме ние, се отвора цела една ливада со најубавиот колорит природни бои. И додека уживате во глетката која е пред вас, ако малку го подигнете погледот, ќе ги здогледате на другата страна трите највисоки врвови на Баба – Пелистер, Илинден и Стив и тоа од перспектива од која ретко може да се видат. Сепак, овој врв најубавото го чува за крај. Најпрво, под самиот врв, на 1910 метри, прекрасната црква Св. Спас, со своето препознатливо ѕвоно.

 

И бидејќи овие авантури се за уживање, а не за брзање, ова место и поглед заслужи една починка, како во целост би ги нахраниле нашите сетила со природата околу нас. А на некои 20 минути оттука, на 2010 мнв, се наоѓа и највисоката точка – самиот врв. Тука, од една страна го гледате Преспанското езеро, а од другата Стрежевското.

Колку и да имате видено и доживеано во животот, само природата може ве изненади со нешто ново и поразлично од се’ претходно. Таква е Вртешка, ја имаме тука, до нас, а колку многу време ни требало да ја откриеме.

Вртешка ја оставивме зад нас. Заедно со стотици фотографии во нашите телефони и многу повеќе во нашите глави.

Искачете ја и изуживајте ја Вртешка, па барем за момент да ја сфатите таа гордост на битолчани.

You may also like

Leave a Comment