Notice: Function _load_textdomain_just_in_time was called incorrectly. Translation loading for the wordpress-seo domain was triggered too early. This is usually an indicator for some code in the plugin or theme running too early. Translations should be loaded at the init action or later. Please see Debugging in WordPress for more information. (This message was added in version 6.7.0.) in /home/nomayisn/public_html/wp-includes/functions.php on line 6114
Каменото село што носи железно име - No Man's Land

Каменото село што носи железно име

Преданијата добро паметат, што се случило во еден одамна минат век, кога дел од Мијаците од Западниот дел на Македонија, се преселија во срцето на Брсјачкиот крај, формирајќи го селото Железнец.

Таа преселба значела нов живот за нив, но и создавање на нова наслеба која на почеток била лоцирана на висоравнината, како идеална локација за пасење на нивната стока, но заради стравот од напади и уништување на не толку расположени орди, се дислоцирале во клусирата во која извираат трите извори на Црна Река. Така биле скриени од туѓите каравани, а истовремено богати со вода. Пасиштата на висоравнината им останале сопственост, а и некои штали до денес, како спомен на нивното доаѓање во демирхисарскиот крај.

 

Пловевме лесно по тесниот и кривулест асфатен пат до селото, исто како и сивите облаци на небото тој ден, кои претеа дека ќе исткаат сива прекривка над Железнец и ќе го залеат со дожд.
Така и беше. Дождот почна да паѓа.
Ливадите покрај кои минувавме, беа забелени од пролетни цвеќиња, како да очекуваа некоја машка силна рака да ги искоси, а некоја нежна женска рака да ја запласти собраната трева. Но, тука живот има само за викенди, во другите денови двајца жители во поодмината возраст го чуваат селото.
Нас не дочекаа камените куќи, некако фино извезени во клисурата покрај реката. Безрој вакви дождови, а и снегови ги миеле покривите и камените ѕидови низ вековите, давајќи им патина која не може да ја постигне и најдобриот уметник со лажирање. Крошните на дрвата пролетно раширени, а многу цветови расцветани по празните дворови. Мириса на пролет и во овој дождлив ден.
Како по навика се залетавме да фотографираме, а дождот не ни беше најдобриот сојузник за создавање на добри фотографии, но не се предаваме.
Дождот упорно паѓа, а птиците во дрвата постојано пејат. Како за инает, на дождот.
Попатно го наоѓаме првиот жител на селото, едно куче кое почнува да не следи.
Каде ние, таму и тоа.
Земјена патека води вдoлж селото.
Ги гледаме куќите. Прекрасна и типична градба на македонска селска куќа, која е национално архитектонско наследство со голема вредност. Изградени од камен, плитар и дрво. Покрај куќите има плевни во кои се чувало сено. Повеќето куќи се градени на кос терен, со вкопан дел наречен клед или клет, во кој се сместени оставата и пондилата во кои се чувала стока. Во приземјето покрај пондилата и клетот, сместен е и тремот со скалите. Во горниот дел од куќите се наоѓаат просториите во кои живееле, па и сега живеат луѓето. Куќите се изѕидани од кршен камен, некои целосно, а некои имаат и кат чии ѕидови се од плетеница со прачки, премачкани со кал и малтерисани.
Замирисаа зумбулите од пред една стара напуштена куќа. Погледот на неа волшебно не префрли во времето за кое сме слушале во нечии приказни од детството. Тогаш, кога куќите имале дрвена врата која крцка при отварање, имале само еден оџак, само една голема одаја со огниште каде се случувал животот и една соба во која сите заедно спиеле. Замислуваме и котел обесен врз огништето, и лонци и тави, и зафатена домаќинка која нешто готви….а во собата миндери за седење направени со полнеж од исчистените пченки, прекриени со батании и дифитици, обесено цвеќе кое се суши, за во зима да се пие од него чај.
Се враќаме во реалноста и дознаваме дека заради изворите на Црна Река и питорескнната архитектура селото во 2004 година беше заштитено како споменик на културата. Меѓутоа, негрижата на надлежните го оставаат селото да пропаѓа. Куќите се распаѓаат, нема мајстори кои знаат да ѕидаат со камен и да ги поправат, а од општината Демир Хисар нема пари за санација. Немаат пари ниту селаните, ниту пак знаат како да ги обноват куќите во едно од најубавите села во Македонија. Она што е санирано е импровизирање со материјали кои случајно им се нашле при рака.
Време е да се простиме со Железнец. Додуше тоа простување траеше уште еден час, додека не застанавме да разгледуваме уште некои детали. Тешко е да се напушти таа убавина, иако напуштена. Мирисот на водата кај изворте е различна, споредено со мирисот на водата кај некоја река, дали заради дождот, дали заради пролетта во воздухот…но водата навистина мирисаше поинаку, убаво поинаку.
Бериме уште по некој цвет од меѓите, за да однесеме дома пролетен букет од диви цветови. И заклучуваме и колку пати да поминеме на регионалниот пат Демир Хисар-Кичево добро е да застанеме во Железнец, да го оживееме со живот и да откриеме уште некоја нова приказна за патиштата кои водат до селата во кои ретко се оди.

You may also like

Leave a Comment