906
15, Октомври, 2019
Името на планината Лопушник, која е всушност јужниот крак на убавата Бистра, секогаш ќе асоцира на крвта која се леела низ една полјана, исто како што се топат снеговите во пролет.
Во тој тесен појас, помеѓу мали, но бројни карпи кои стрчат како рани, се одиграла историја.
Животот на оваа планина и на една нејзина полјана го загуби Кочо Рацин. Основоположникот на македонската современа литература.
Многу децении по неговата мистична смрт тука, во еден топол октомврски ден, инспирирани од записите, од приказните и од поезијата, тргнавме во наш поход кон врвот. Ова е можеби единственото искачување на врв кога го имате чувството дека целосно треба да замолкнете. Што и да кажете во каков и да е дијалог, не е вредно за животот на Рацин.
Имате впечаток дека и тишината тука боли.
Ветерот некако мајчински не галеше во тој тивок ден, додека на земјата забележувавме печурки, различни…секакви, во грмушките гледавме зрели шипки, а на небото пар млади орли.
“И ако не умрам дома туку каде што стии пиштат
в борба искри кај што лштат-
блазе, речи на душата-има зошто душа да е!!
Стои на Стог, немиот споменик и врв од 1.536мнв.
Од тој споменик ја набљудуваме полјаната на која остана неговата крв. Чудно во тој топол октомврски ден и земјата беше црвена, како и секогаш веројатно, и плодовите на шипките се црвени и некои од печурките се црвени…тоа е бојата која зборува за животот и за смртта, зборува и за љубовта, која тој толку посебно ја опејуваше.
„Го земам твоето име како мое, а затоа ти подарувам бесмртност, кондензиран воздив по тебе.
Антологија на болката… и мое портрè ако побараш… капка крв од моето тело и душа – ја имаш веќе…
Моето идно име – ме врзува засекогаш со тебе… прости ми или преколнувај – сеедно.
А јас сè љубам, сè проштевам и сè заборавам.
Едно жалам: Што не ја чув смислата преку звукот на твоите зборови… или барем нивната трага со мастило…“