Notice: Function _load_textdomain_just_in_time was called incorrectly. Translation loading for the wordpress-seo domain was triggered too early. This is usually an indicator for some code in the plugin or theme running too early. Translations should be loaded at the init action or later. Please see Debugging in WordPress for more information. (This message was added in version 6.7.0.) in /home/nomayisn/public_html/wp-includes/functions.php on line 6114
Карпестиот рајски допир на Старавина - No Man's Land

Карпестиот рајски допир на Старавина

И повторно се враќаме во нашето омилено Мариово.

Тоа е исто како одење во омилениот ресторан. Колку и да сакаш да промениш нешто, на крај сепак  доаѓаш тука, зошто создаваат гурманлоци по твој вкус. А нив не можеш и не сакаш да ги пробаш наеднаш. Сакаш да ги густираш еден по еден. Си оставаш по нешто за некој друг ден, за некој викенд или за специјален повод.

Така и со Мариово.

Не се искусува наеднаш. Поинаку е во есен, поинаку во пролет и лето. Различно е ако допатуваш со кола или на точак.

Еден карактер си има прилепскиот дел, друг тиквешкиот, а трет битолскиот.

Епа дојде редот за овој третиот.

И така тргнавме.

 

Го одминуваме селото Новаци, не пресретнува термоцентралата РЕК која е маркантен знак на дното од Пелагонија и преку едно возвишување влегуваме во битолско Мариово. Ги оставаме зад нас Мегленци и Арматуш. Потоа и Паралово, Долно Ореово, Маково, Орле, Рапеш…Го поминуваме и местото каде се врти за Зовиќ, за да стигнеме со нашата дестинација. Старавина. А после него останува Градешница. Тоа значи не’ чекаат уште мариовски уживања.

Според легендата, селото името го добило од зборовите „стари вина“. Некогаш овде се правело добро вино, но со војните, лозјата се уништиле и ништо од тоа нема денес. А историјата….од богата, побогата. 

 

И сега се враќаме на човекот кој преку своите дела направи никогаш да не заборавиме на Мариово.

Стале Попов, кој ако преку „Крпен Живот“ го оживеа Витолиште, тогаш преку „Калеш Анѓа“, ни раскажа за Старавина и какви славни јунаци биле мариовците.

А тој вели дека тие биле секогаш слободни луѓе. Од памтивек уживале некој вид на автономија и Турците нив не ги гибале. Не им земале арач, не земеле млади деца за чивчии и јаничари. Арно ама еден ден го зеле Ангеле, внукот на Богдан Сирме од Старавина, кога овај бил на Ат – Пазар во Прилеп. Приказната е долга, ама накратко вели дека после неколку години, ја зеле и сестрата близначка на Ангеле, која се викала Анѓа. Е со тоа мариовци не можеле да се помират. И на сила си ја зеле назад. И така некако оди приказната за почетокот на мариовската буна од 1564 година, предводена од попот Јако од Старавина и поп Димитри од Градешница. Многу луѓе изгинале, села биле запалени, ама на крај селаните се бранеле од последниот бастион – тврдината Пешта во Старавина која виси како штит на паралелниот рид од селото. На крај, иако буната била задушена, благодарение на братот на Анѓа – Ангеле, кој станал познат турски војсководец, таа била спасена, а Мариово си ја вратило автономијата.

Дел од ова е можеби легенда, но голем дел и вистина.

 

Денес во Старавина ќе ја видите куќата на Калеш Анѓа, реставрирана пред десетина година, но мораме да забележиме не многу вешто и автентично, иако се работело за некој европски фонд. Гордо над селото се издига тврдината Пешта, а селото пак, цело распослано на падините на Ниџе планина. Тука нема многу постојани жители. На пописот во 2002 биле 23, сега сигурно многу помалку. А не толку одамна, пред 25 година, селото било и општина.

Во селото, стара црква, со некоја чудотворна икона, над селото друг манастир, на излезот од селото скоро разрушена камена црква….

Се најдовме со неколку луѓе, кои летните денови ги поминуваат во своето родно село. Пријатни за разговор и расположени за гости, не’ повикаа во дворот за да си поприкажеме за историјата, за она што било и она што сега останало. Учителката Даница ни го покажа сé уште зачуваното училиште. Вели дека работела во него од 1965 година, некаде 20 години. Кога започнала со работа, училиштето имало 300 деца, го напуштила со 60. Нејзината сосетка  Даница, тука седи со татко и, дедо Петко. Тој има 96 години, секој ден си шета низ селото и зборува одлично англиски. Бил години на работа во Австралија. Со англиски не’ пречекува, со англиски не’ испраќа. 

Се сретнавме и со младиот пензионер Ѓорѓи Волчевски, кој тука редовно ги минува викендите, инаку се преселил во битолското Долно Оризари. Има прекрасна стара куќа, со поглед кон планинските масиви на сите страни. Ни го покажува селото Дуње. Се гледа блиску оттука, иако е во прилепскиот дел.  И кањонот каде врви Градешка Река. Ни кажува дека бил до врвот Мало Ниџе, како што тука се нарекува, на истоимената планина. Сепак Кајмакчалан не го искачил. Затоа што  не е планинар, туку ловџија, па искачил колку што му требало. Вели има сателитска антена, да гледа телевизија, за да му врви времето. Можеби не сфаќа колку е убаво времето некогаш да застане. А тука навистина може тоа да се случи. Како на ниту едно друго место во светот.

Низ неколкуте часови проштека низ селото, единственото селско куче ,упорно не следеше. Пред крај застана и да позира.

По карпестите краеви на селото, веднаш до кањонот на реката, откривме и желка која како камелеон се топи во амбиентот.

Мариово како да има специјално сценарио за ретките посетители.

 

Време е за разделба, дедо Петре не чека пред колата со букет кантарион и уште еден со мајчина душица. Вели, ова е поздрав за да ни дојдете пак. И ни кажа дека тука некогаш бил дојден некој познат француски архитект и изјавил дека од Старавина се гледа рајот.

На која страна и да се погледнете имате видик од десетици, па и стотици километри.

Навистина, од Старавина може да се видат рајот и бесконечноста. 

 

…..за крај

Додека кантарионот и мајчината душица стануваат дискретен ароматизер во колата на патот кон дома, ти ѕвонат стиховите од песната “Ајде слушај, слушај Калеш бре Анѓо” и ти вртат во главата како на филмска лента секвенци од Аризона дрим на Емир Кустурица кој ја користи песната во филмскиот саундтрак.

Нема спој, а споиво е….исто како што нема спој на нешатата кои Мариово ги пружило, а совршено споиви се.

You may also like

Leave a Comment