Мостот – молчелива градба

Колку стари мостови има низ Македонија?

Не знаеме точен број, но знаеме дека мостовите градени во некои минати векови имале симболика на важност за која треба и денес да размислуваме.

Случајно поминавме во едно враќање од демирхисарскиот крај, низ селото Бучин, сместено во Прилепското Поле, како најјужно село на Општината Крушево. Минувајќи низ селото, ја забележавме реката Црна, а на неа два моста, од која едниот древен, а вториот направен во поново време.

Според македонската википедија во римско време на реката Црна е изграден Стар Мост. Се претпоставува дека тука поминувал древниот пат Виа Игнација.

Не најдовме други детали за мостот, но најдовме интересни податоци за неколку археолошки наоѓалишта кои наскоро ќе ги посетиме:

  • Во Селото — осамен наод од римско време
  • Даб — осамен наод од римско време
  • Кале — доцноантичка населба
  • Манастириште — хеленистичка и римска населба
  • Рид — хеленистичка населба

 

Гледајќи го мостот во Бучин, сокриен, непознат за многумина, изграден во Римско, а постои и денес, без реално испишана историја, без фактографија за која тука би се зафатиле, низ главата ни се завртија безброј мисли за мостот како градба низ историјата.

Мостот е симбол на спојување на две страни, на луѓе и брегови, на градови, па и на држави.

Мостот е врска помеѓу генерациите и времето.

Тој е  само доказ колку исти цели имаме и колку сите луѓе сме едно.

Некогаш мостовите се и сведоци на настани….на нив се склучувале договори, но и имало разделби, се рушеле мостови заради недоразбирања, а биле поважни од куќите во кои се живеело.

Мостовите се граделе за сите, да бидат корисни, еднакви, подигнати секогаш смислено, на места на кои се вкрстувале најголемиот број на човековите потреби.

Градени црвсто, потрајни од другите градби, издржале векови, војни и служеле да поврзуваат.

Можеби куќите во кои луѓето живееле некогаш и денес се разликуваат по моќта на имањето или немањето, но мостовите не познавале разлики.

Кон сите биле еднакви.

Подигнати смислено, со една голема цел – да спојуваат.

Направени да служат на многу генерации, тие се симболи на човечковата сила, снаодливост и владеење над природата.

Децата на нив сакаат да играат, вљубените да се сакаат оставајќи пораки и замислувајќи желби, возрасните на мостовите разменувале добра, склопувале бизниси..секој од нас на некој мост памети некој настан.

Мостовите, тие молчеливи градби, создадени за да се задоволи таа вечна човекова желба да се поврзе, да не се дели, да нема разделби…мостовите како премин кон некое подобро место, како пат до целта, како една етапа во вечната потрага по смислата, која можеби лежи на другата страна од брегот.

 

You may also like

Leave a Comment