Куратица е село и пол

На реченицата “Не е Охрид само плажа”, потврда ни се селата во околината на овој туристички град кој го сакаме секој на свој начин, а Куратица е веројатно едно од тие села кои покажуваат малку поинаква страна на овој регион.

Селото e сместено на 1.080 м.н.в. од планината Мазатар, на некои 6 километри од регионалниот пат Охрид-Ресен и 20-тина километри до Охрид.

Ако ве интересира етимолошки, името на селото има различни толкувања. Википедија на македонски јазик, убаво обајснува па ја цитираме: 

• Во секојдневниот говор кај месното население и во целото охридско подрачје, селото се нарекува со името „Курајца“ или „Кураица“, а поретко и „Куратица“. 

Во врска со потеклото на името на селото Куратица, кај постарите жители од ова село постојат различни мислења. Некои сметаат дека селото го добило името заради тоа што е сместено во терен што личи на корито и би требало да се вика „Коратица“ Според други, името на селото доаѓа од турскиот збор „кури“ (kuri), што значи „сув, а, о“, па оттаму и мислењето дека селото порано се викало „Суво село“ или „Суви дол“.

Постои и мислење дека селото го добило името по личното име Курат или Курт.

Од научниците, прв и единствен што досега се зафатил со знаечењето на името на селото Куратица е полскиот славист Влоѓимјеж Пјанка, кој го застапува мислењето дека името на селото во основа има влашко потекло и доаѓа од зборот „курат“ (curat) што значи „бистар, брз, чист“. Ова, според Пјанка, доаѓа оттаму што селото се наоѓа на чист планински поток.

https://mk.m.wikipedia.org/wiki/Куратица

И тука застануваме со детализирање, зошто ова село навистина има други интересни нешта, кои заслужуваат внимание.

Селото некогаш броело 1500 жители, а денес 250. Жителите се љубезни, отворени и со некоја своја лична доза на хумор. Тогаш не е ни чудно што тука има поинаква понуда за случајните намерници како нас на пример.

Ние, решивме тие 6 километри од регионалниот пат Охрид-Ресен до селото да ги изодиме пешки. На жителите на Куратица, тоа им беше чудно.
Кој би одел пешки, кога имаат убав асфалтен пат?

Првата точка на интерес во селото, се разбира ни беше “Коперацијата”. Тоа, за нас толку омилено место во секое село во кое сме биле. Влегуваш внатре и започнуваат разговорите. Се отвараат темите, слушаш и се восхитуваш на таа едноставност на животот, но и на итроштината која луѓето по селата не ги напушта. Инсистираа да ни направат кафе и останавме подолго во разговор. Повозрасните испоседнати пред коперацијата сликовито ни ги прераскажуваа спомените од нивното детство, помладите посрамежливи сакаа повеќе да зборуваат за тоа како етно туризмот може да се развива. Им кажавме дека ги сакаме планините и ги искачуваме…никако не им беше јасно зошто да одиме пешки до врвовите, кога еве кај нив на Мазатар тие можат да не носат со џипови.

Метафорички кажано, секој сонува за она што го нема. Или уште поконкретно, од нешто ти е премногу, па сакаш да ја искусиш едноставноста.

И кога видоа дека не можат да не убедуват за возење со џипови, се присетија дека се познати и по тури со магариња за туристи за откривање на планините. Магарињата не би ги мачеле ние, но им ветивме дека следен пат ако дојдеме, целта ќе ни биде да ги набљудуваме ѕвездите во некоја ведра ноќ, со локалниот астрономски клуб од Охрид. Оттука најубаво се следи небото. Не им беше тоа многу познато.

Куратица е село на вредни и ведри жители, на искри во очи кога зборуваат за нивниот Василичарски карневал, за патриотизам кога ќе потенцираат дека се бастион на македонштината, па развеале 101 знаме за некои спорно, за нив значајно, зачувале стари рецепти и готват традиционални јадења. Такво уживање имавме и ние, но не во некој типичен етно ресторан, туку во дворот на Леон, логично нарачен “Леонов Двор” во кое семејството ни подоготви храна и залаци кои долго ќе ги паметиме. 

Го прошетавме селото вдолж и попреку… запознавме еден пасионаиран пчелар кој буквално седи со саати во својот пчеларник само да ги гледа пчелите и да кулира, видовме куќа на која пишува Бифе Славеј и во која бил некогаш одамна донесен првиот ТВ во колор, го видовме стадионот на локалниот ФК Рудар, се искачивме до црквата, фрливме поглед на старите гробишта…сѐ се тоа кругови на животот…

Сакавме да ја споделиме оваа приказна со вас и да ве заинтересираме за ова интересно и живо село, на гостољубиви и умни луѓе. Ако дојдете, додавате по некое срцебиење на животот тука. Жителите на Куратица сакаат туристи.

И запомнете “Конечната цел на патувањата не е да стапнете на туѓа земја, туку да стапнете на својата, како да е туѓа”. 

You may also like

Leave a Comment