Notice: Function _load_textdomain_just_in_time was called incorrectly. Translation loading for the wordpress-seo domain was triggered too early. This is usually an indicator for some code in the plugin or theme running too early. Translations should be loaded at the init action or later. Please see Debugging in WordPress for more information. (This message was added in version 6.7.0.) in /home/nomayisn/public_html/wp-includes/functions.php on line 6114
Маловиште е џез, џез е Маловиште - No Man's Land

Маловиште е џез, џез е Маловиште

„Кога  Бог давал, давал и не престанал“, вели една македонска поговорка.

Така наједноставно можеме да го опишеме Маловиште.

Единственото село кое се наоѓа во националниот парк Пелистер.

Извишено на 1170 мнв, гордост на Власите, порано броејќи жители во илјадници, но сега тешко дека има и сто. 

Убавината се задржала, иако луѓето си заминале.

Доаѓаат повремено, за празници, викенди, слави.

Доаѓаат за Св. Петка, празник на црквата изградена во центарот на самото село, некаде во XIX век, на темелите на постара црква.

Се берат и за празникот Св. Ана, име на манастирот која се наоѓа на четириесеттина минути пешачење оттука. 

Влегуваме во селото.

Денот убав, топол и доцно пролетен.

И луѓето во селото раздвижени или седнати по дворовите.

Прво се поздравуваме со Жана и Драга. Срдечно не’ викаат на кафе во дворот. Кафето го оставивме за друг пат, ама се изнамуабетивме. Велат им починале сопрузите, децата им се заминати, кои Австралија, кои низ Европа, па сега сами, тука во потпелистерието, си ја минуваат староста.

Движејќи се по калдрмата и тесните улички, пред нас се појавува куќа, со типично македонско – влашка архитектура, какви што може да најдете во Крушево. Нормално, изградена од камен, на два спрата. Домаќинот расположен вели – сликајте ја, овде доаѓаат фотографи специјално само за фотографирање на куќата, очигледно горд дека тој живее таму. Фото сесијата, нормално беше неизбежна, заедно со две кучиња, кои неуморно ни позираа. И после, нешто што воопшто не очекувавме. Кош за кошарка и еден куп деца кои играат на него.  Теренот, земјен. Седиштата за гледање од публика, полни вреќи со песок. Ако погодите кош „без коски“, топката заминува директно во реката која течи непосредно после кошот. Ама децата веднаш ќе ја вратат, не им е мака. Партија баскет во Маловиште, не звучи лошо. Па им се придруживме за момент. Дури шутиравме на кошот, тука на мостот врви еден од селаните со две магариња. Ги враќа од пасење. Се редат една по друга филмска сцена, а ние не можеме да престигнеме за да ги претвориме сите во фотографии, како би се сеќавале уште долго на нашата авантура. Конечно ни отвораат и во црквата Св. Петка. Влегуваме внатре и сфаќаме зошто маловишани се горди на својот храм. 

 

Во близина на црквата има поставен и споменик на Констатин Белемаче. Откако се вративме назад, прочитавме дека станува збор на познат влашки поет и политички активист, роден во Маловиште, инаку автор на песната „Родителска порака“, која подоцна е прифатена за  химна на Власите.

Се движиме нагоре по селото. На самиот крај има една патека која води за црквата Св.Ана, на околу 1.400 мнв и уште една, до црквата Св.Спас, на околу 1950 мнв, што понатаму продолжува до врвот Вртешка, еден од најубавите на Баба планина, кој може да се искачува и од страната на превојот Ѓавато.

 

Маловиште е како да го слушате Dave Burbeck со сите нетипични ритми, кои може да ве изненадат во секој момент. Оркестар од звуци и инструменти, прилагодени за сите сетила. 

Маловиште е џез, џез е Маловиште.

 

You may also like

Leave a Comment