Крчин – македонскиот Атос

Крчин е планина со силна приказна.

Според братството на Бигорскиот Манастир, таа е таворски блесок.

Според планинарите, таа е вредна за паметење.

Ушушкана, некаде на средина од поголемиот венец Шара-Кораб-Дешат-Крчин-Стогово-Караорман….ги нуди најубавите призори.

Доаѓа како бедем планина, врв во форма на потпрен триаголник ако го гледате од неговата источна страна или како трон, ако погледот доаѓа од север.

Наутро изгледа моќно, а на залез на сонцето изгледа нестварно.

Раноутринската средба со Крчин е како дух и тело.

Паркирате над Битуше, каде е сместен Бигорскиот скит Св. Кирил и Методиј.

Лебдите по одлично обележената патеката, не чувствувајќи го искачувањето низ прекрасната листопадна шума иако телото е изложено на напор, заради совладување на елевацијата .

Срцето на Крчин, се потоците кои некаде ги гледате, а некаде само ги слушате.

Небеската стража на Крчин, се крстовите кои им пркосат на ветровите и облаците кои често царуваат на врвот.

 

Крчинска Краста, таа огромна карпеста громада, ни се открива пред очите после првата разделба со шумата, а следуваат уште два помали шумски појази. Таа го затскрива главниот врв, но дава таков ефект на призорите кои после монотоната шума ви се отвараат, призори кои никогаш нема да ги заборавите.

После шумскиот пејзаж, започнува високогорскиот предел: бескрајни пасишта, сино небо прошарано со толку саканите наши облаци без кои ниедна фотографија не е особено моќна, повеќе карпести врвови и по некое расфрлано стадо. Од малата црква Св. Недела, која како да лебди над облаците и долината, започнува технички потешкиот дел од патеката. Ветерот ги расфрлаше облаците преку гребенот, игра на сончевата светлина и замрачувањето кога густи облаци ќе го сокриеа сонцето, се менуваа…. и така беше сé до врвот.

A таму средба со врвот. Волшебна убавина која фрла погледи кон Кораб, Шар Планина, Бистра, Проклетије, Пелистер, Караџица, Дебарското езеро и Јабланица, Охридско езеро и Галичица, Дрим во Албанија….дали уште да набројуваме?

Не, нема потреба.

И колку да гледате наоколу, Крчин (2.341мнв) е таа моќна точка која како магнет ве влече да не се поместувате и во тоа чекање да го почувтсвувате мирот.

Мирот на врвот кој во лето изгледа како зелен трон.

Изгубен рај кој вреди барем еднаш до го почувствувате во животот.

You may also like

Leave a Comment