Notice: Function _load_textdomain_just_in_time was called incorrectly. Translation loading for the wordpress-seo domain was triggered too early. This is usually an indicator for some code in the plugin or theme running too early. Translations should be loaded at the init action or later. Please see Debugging in WordPress for more information. (This message was added in version 6.7.0.) in /home/nomayisn/public_html/wp-includes/functions.php on line 6114
Музика, посилна од времето - No Man's Land

Музика, посилна од времето

Ќе писне гајдата, ќе р’ска тапанот, ќе се чуе кавалот, ќе се разлее “Отидов село Долнени”….

А, ние во Долнени дојдовме сосем случајно.

Трагавме по осамената смерка од последната сцена на “Пред дождот” и промашувајќи го вртењето кон Мажурани, заминавме за селото од каде потекнува Пеце Атанасоски – играорец и инструменталист, светски познат гајдаџија и еден од најпродуктивните собирачи на народни песни и ора во Македонија.

Селото Долнени, големо е и распослано во прилепскиот крај на Пелагонија. 

Жителите љубезни. Не упатија кон неговата куќа во која се родил, во која денес живее некое друго семејство.

А оттаму заминавме кон локацијата каде што секоја година во изминатите скоро четири децении, се случува фестивалот чиј основоположник е Атанасовски.

Замислата на Пеце Атанасоски за фестивалот била да се одржува на празникот на селото, Спасовден , во неговиот роден крај, на месноста Рудина во Долнени, која што тој ја доживувал како културно светилиште, односно како амфитеатар,  од каде што звукот на народните изворни инструменти (зурлата, тапанот, кавалот, гајдата, ќемането, тамбурата) ќе се отвори, ќе заечи и ќе продре низ широкиот отворен простор. Тој често велел: „големо е задоволството да гледам како секоја година луѓе облечени во народни носии, убави како икони, како шетаат со своите инструменти на прекрасната Долненска зелена рудина…“. Според сведоштвото на  неговата ќерка Весна А. Вучиќ, „на  јули, 1973 година, викендот по Спасовден, Пеце Атанасоски ги собрал гајдаџиите од с. Долнени и организирал ’Фестивал на гајда‘, каде што го одбирале најдобриот гајдаџија во селото“. Од следната, 1974 година, на 25-26 мај, фестивалот прераснува во републичка манифестација. А во следните 40 години станива фестивал од светски глас. 


Фестивалот на народни песни и инструменти, во културната историја на Македонија, од 70-тите години на минатиот век, па сѐ до денес, има оставено белег во македонската современа култура. На овој фестивал се изведуваат македонските изворни народни песни и ора.

Пеце Атанасоски често велел: „немам ништо против новосоздадената музика, но премногу се вметнуваат музички фрази кои не се од македонското поднебје. Тоа може да го наруши нашиот идентитет”.

Во селото изграден е музеј посветен на кроткиот човек кој во животот создал толку многу, колку што денес не можат да замислат тимови во таа област.

Бил професионално ангажиран во Радио Скопје и во Државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец” во Скопје. До пензионирањето, бил раководител на Оркестарот од народни инструменти во Радио Скопје и кореограф на повеќе од дваесет КУД во Македонија. Од 1966 година цели 29 години ја раководел Фолклорната школа за странци во Отешево.
Со своите гостувања со разни културно-уметнички друштва низ светот ги афирмирал високите достоинства на македонскиот мелос.
Открил и промовирал неколку селски пејачки групи како што се Бапчорки, Кумановско Трио, Квинтет Темјанушки и Трио Кучковски.

Носител е на 19 меѓународни награди на светските фестивали во Ланголен (В. Британија), Брно и во други градови. Во конкуренција на 1.800 гајдаџии од целиот свет, го освоил првото место и наградата „Златна гајда” на фестивалот во Ериче, Италија (1968).
Како светски признат народен инструменталист, држел часови на разни универзитети во светот, од Лос Анџелес до Токио.

Има собрано импозантна фолклорна збирка од околу 20.000 народни песни и ора.
Почина на 14 септември 1996 година во Скопје, како директор на Долненскиот фестивал, чиј основач беше (1973), а кој сега е именуван како Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасоски” село Долнени, Прилеп.

Ставете го Долнени на вашата мапа на откривање на Македонија, вреди да му дадеме почит на овој човек кој верувал дека може да остави траги кои ќе докажат дека музиката на народот е посилна од времето.

You may also like

Leave a Comment