Лазарополе & Гари…таму најгоре

30 Септември, 2018

Ќе имаш шанса да го пропатуваш скоро половина свет, ќе се напоиш од разлики и контрасти кои ти го брануваат умот….но, кога сопствената татковина после талкања низ светот ќе дојде ред да ја откриеш, осознаваш дека прво остануваш без зборови, разочаран од себеси што си ја изневерил таа убавина, давајќи му предност на светот, а потоа таа немост ќе те пртетвори во добар раскажувач. Ете такви се нашите откривања на Македонија.

Ве водиме на една прошетка направена во 2018 година во последниот септемвриски ден во Мијачкиот крај, каде што времето запира, а природата зборува…

Гари и Лазарополе, бисери на мијачкиот крај.

Недопрена убавина на природата која те тера да се замислиш и да не можеш да решиш во кое годишно време е поубава. Во ваков планински предел токму како грозд,  под планината Стогово се распослани овие мијачки села.

Понекогаш ни илјада зборови, ни стотици фотографии не можат на вистински начин да ги пренесат имперсиите кои  ги будат ваквите места, а и луѓето кои ги среќаваме. Топли и непосредни….

Поминавме часови во овој крај, но не ни се напушташе оваа подзаборавена убавина. Добивме желба да останеме и неколку денови, да го вкусиме животот на овие висини, Лазарополе на 1.350мнв и Гари на 1.130мнв. Но, ќе чекаме некоја следна прилика.

Ги гледаме шумите со сите нијанси на зелена, златна, бордо…сите бои на раната есен…ги чувствуваме ветровите по полињата, заковани со прекапани глуварчиња….без здив ја слушаме реката, како ехо од секој скриен агол, се дружиме со мештаните од чија гостопримливост не можеме да се “одбраниме”, па започнуваме разговори, кои се претвораа во стории….заминуваме и правиме пикник на една од ливадите.

Есента мириса во воздухот на само нејзин начин. Слушаме ѕвонците на стадата со овци од некоја далечина и лавеж на кужињата кои ги чуваат. Овчарите легнати на падините на мал одмор.

Размислуваме, читајќе една книга  “Наши записи” напишана од Вера Стојчевска-Антиќ која ја купивме од селската кооперација. Ова се села на истории и митови. Некои од низ поврзани со имињата на еден Лазар, на една Калина, на Димко Шангај…опеани во песни. Ова се села кои во 1900 година имале повеќе илјади жители, жители кои ја носеле една од најубавите носии во поширокиот крај.

Зурли и тапани, чекорите на Тешкото за празникот Илинден, полиња со нарциси опишани во турските тефтери и патеписите на Јордан Константинов-Џинот. Така било некогаш….а денес?

Религиозниот карактер на жителите се огледува во неколкуте цркви. Ја издвојуваме малата, но прекрасна св. Богородица на сред село во Гари. Стара околу четири века. Во неа иконостас изработен од гарецот и врвен копаничар Петре Филиповски Гарката. Еден од најпознатите гарци, познат по врвните иконостаси  кои ги изработил во манастирот Свети Јован Бигорски, црквата Свет Спас во Скопје, но и уште многу, многу други цркви и манастири кои ги работел на Балканот. 

И меѓу сите стари икони, на куполата изненадувачки насликано масонско око кое многу ретко се наоѓа во македонските цркви.И уште една црка во Лазарополе….Најстарата и првоизградена црква од 1841 година во мијачките села , чијшто ктитор е Ѓурчин Кокалески – автор на првата македонска автобиографија со световна содржина. 

Некои нешта ќе останат нанапиашни, но засекогаш меморирани во нашиот личен хард диск.А ние тука, повторно ќе се навратиме, ќе прочитате во еден следен блог пост, кога времето ќе го подариме на еден врв од планината Стогово.А дотогаш, во ушите ќе одѕвонуваат стиуховите на една понова песна, напишана тука…..

” Погледни ме, судбо, ти во очиве,
ајде да си кажеме право каде згрешивме.
Однеси ме таму кај што припаѓам,
таму кај што пораснав, судбо, да си остарам..

Лазарополе, таму најгоре,
слика убава, мајко, е на душава.
Лична Калина, еј одамнина,
тажна сказна, мајко стара, ѝ напишала.

Однеси ме, судбо, кај ливадите,
таму кај што мириса силно на гороцвеќе.Во нашата, судбо, куќа голема,
таму да си одморам душа, еј преморена…”

You may also like

Leave a Comment