Богатството на античкото наследство на тлото на Македонија е факт кој постои и денес.
За тоа сведоци се градовите кои со археолошки истражувања се отвораат кон јавноста.
Локалитеот Баргала бил откриен за јавноста во 1967 година.
До денес тука се откриени неколку објекти кои припаѓаат на сакраланата архитектура од кои три припаѓаат на доцноантичкиот период: Епископска базилика (откриена во1967), Базилика Ехtra muros (1970) и Ранохристијанската градска базилика (2008).
Откриените сакралните објекти, го потврдуваат градот Баргала како прво епископско седиште во Брегалничкиот басен.
А каде е точно откриена Баргала?
Се наоѓа во источниот дел на Македонија, во подножјето на планината Плачковица, на десниот брег на Козјачка река и на 13 км североисточно од градот Штип.
Располсна е на една височинка од која има пасторален поглед на долината.
Името на градот Баргала за прв пат се среќава на еден пронајден натпис датиран од 371 година, откриен во месноста Ханче во атарот на село Карбинци. Се работи за натпис во кој се говори за подигањето на градската порта. Во актите на Халкедонскиот собор од 451 година, Баргала се појавила како Епископски центар.
Името на градот се среќава и во Хиерокловиот Синекдем, каде кон крајот на 5 век Баргала припаѓала на Македонија. Името Брегалница се однесува на епископијата а се среќава во житието на Петнаесетте Тивериополски Маченици. Оттука градот Баргала многу веројатно дека и го дала името на реката Брегалница, од што понатаму произлегува дека Брегалничката епископија се појавува како можен наследник на Баргалската Епископија.
Во седумдесеттите години на XX век, на наоѓалиштето работела југословенско-американска екипа и тогаш е откриена епископската базилика.
Овој археолошки споменик дава податоци за тоа каде се наоѓал градот, како и за проблемите на границата на Македонија со Тракија.
Кон крајот на IV век, градот служел како доцноримски воен логор (каструм), кој бил изграден како тврдина на граничниот појас меѓу провинциите Втора Македонија и Средоземна Дакија. Подоцна, градот бил разурнат, а жителите подигнале нов град крај Козјачка Река во близината на Горни Козјак. По губењето на стратешкото значење, Баргала прераснала во цивилен – епископски град.
Во V и VI век, а особено во времето на Јустинијан I (527-565), градот го достигнал својот врв, но кон крајот на VI век, во неколку наврати, настрадал од аварско-словенските походи кои го треселе Балканот. Градот не бил потполно напуштен, меѓутоа опстојувал како неурбанизирана населба.
Трагите од антиката се бројни во овој дел на Балканот, зошто ова биле гранични појаси, а и мост за походи кон Исток и Север. Гледајќи ја Баргала се докажуваат и градителските техники на таа цивилизација, како остатоци од градови со истакната уметничка вредност, оригиналност и прецизно време на создавање.
Колку нивната валоризација е важна зборува и фактот што треба да се постави прашањето за тоа колку умееме да ги афирмираме за сегашниот и иден развој на посети од истражувачи, а и туристи се разбира.
Не зачуди фактот што локалитетот не е безбеден, нема организиран влез во кој би се наплаќале билети или служба која се грижи за неговата заштита. Бевме сосем сами.
А добро се знае дека досега е истражена само една десетина од целото наоѓалиште, бидејќи тој зафаќа површина од околу пет хектари.
Време е Баргала да биде убаво зачувана…а и дооткриена од тајните кои земјата ги напластила низ вековите врз неа.