Штавица, нашиот Холивуд

Мариово мора да е донесено од некоја друга планета, друг свет, па сме го добиле ние земјаните за да можеме да осетиме барем нешто, од тие другите што имаат таму. Па сега себично си го чуваме. За некои сега жално и запуштено од она што било порано, но за нас, се’ уште автентично, недопрено, со мистична убавина. И можеби такво треба да остане.

Штавица е првото село на кое наидувате во прилепскиот дел од Мариово. На само 18 километри од Прилеп, со чувство како да се наоѓате на друг континент. Влеговме во селото, денот беше сончев, но не премногу топол, идеален за една опуштена прошетка. На надморска висина од околу 800 метри, опколено со Селечка планина, со расфрлени куќарки овде и онде. Движејќи се низ селото повремено ќе се поздравевме со по некој од преостанатите жители, кои одлучиле тука да го поминат остатокот од својот живот. После муабетот со неколкуте жители на кои наидовме, се упативме кон еден рид, на кој се наоѓаше само едно дрво и завршуваше со карпа. Дрвата се тука ретки, ама па посебно убави. Или таков впечаток оставаат во севкупниот амбиент.

И не за џабе тука Милчо Манчевски го снимил најголемиот дел од своите најпознати филмови „Пред Дождот“, „Прашина“ и „Врба“. Штавица ќе го прочитате и во „Калеш Анѓа“ на Стале Попов, како чифлиг на некојси Сефедин – бег. Иако книгата ја раскажува мариовската буна од 1538 година, по она што го прочитавме, селото денешниот облик го добило пред околу 170 години.

Местото и времето не’ повикаа на пикник на тревата тука. Распослани со храната и пијалокот кои ги носевме, но и саундтракот на „Пред Дождот“ пуштен во позадина. Вистинско уживање, И посакувате времето барем за миг да застане, за повеќе да го изуживате денот. Или ако не може, да се повтори пак во некоја блиска иднина. А нас, не’ чекаа уште еден куп мариовски села, за кои дополнително ќе ви раскажеме.

You may also like

Leave a Comment