„Топовите грмат, татни земјата,
пламен се дига до небото.
Жалете браќа, браќа Славјани,
Смилево славно в оган гори…“
Ако на некој Смилево му е во срцето, ја знае оваа песна.
Ако некој пак не е од Смилево, но во себеси го негува чувството дека потекнува од земја која имала една ваква херојска приказна како оваа, ја знае песната “Смилево славно в оган гори”.
Убаво е чувството да бидат луѓето горди на своето потекло. Замислете, од овие ридови потекнува Дамјан Груев, мозокот на Илинденското востание и иницијатор на Смилевскиот конгрес. Зборуваме за село кое во 1903 година било политички и воен центар на Македонија. Во ова село се собираа највисоките раководители на ТМОРО, а по конгресот, во Смилево е сместен и Главниот штаб на востанието.
Мислејќи на таа бурна историја и одејќи во еден совршен пролетен ден кон селото, можеби сме собрале веѓи, сме направиле и црта на средина од челото, заради фактот што храброста денес не е на некоја цена. Не за битки, туку за правдини.
Пределите кон селото се идилични. Зеленило и свеж ветер, пролетен.
Автомобилот го паркиравме на регионалниот пат Кичево-Демир Хисар и решивме и покрај убаво асфалтираниот пат кон селото, да не возиме, туку да испешачиме 10 км до Смилево. А потоа уште 10 км за назад.
Ако размислете добро, кон некои места одите како на поклонение. И го сакате мигот на очекување, за таа среба со нив, за некое постепено откривање, а не само чист инстант пристап. На долго пешачење имате доволно време и за разговор со себеси и за разговор меѓу себе. По долгиот изоден пат, на влезот на селото одлучивме да заседнеме под едни ореви, кои некоја домаќинска рака ги засадила можеби векови наназад и оттаму да го набљудуваме пределот, омеѓен со куќи и патчиња на кои се слушаа повремено звуци на ретки возила. Си дадовме мал одмор.
Тој ист ветер, потоа нежно не однесе на угорнината која води низ Смилево, село со преубава местоположба. Вгнездено во југозапдниот дел на Македонија, на падините на Бигла Планина, на 1.000 мнв, богато со букова и дабова шума.
Селото е тивко и спокојно. Во него живеат луѓе за кои се вели дека се многу вредни. Некогаш имало повеќе од 1000 жители, а денес македонската википедија ќе ни каже 321 жител од последниот, реално далечен попис. На истиот линк, ќе ги пронајдете и сите родови по презимиња кои живееле и сé уште живеат во Смилево.
Вистинско богатство од податоци. Едноставно имате впечаток дека читате родослов на цело едно село.
Со жителите се поздравуваме, љубопитно не гледаат.
Прашуваат што тука?
Кажавме дека прв пат доаѓаме, трагачи сме по убавите нешта на Македонија.
Велат, ех…и така започнуваат приказните за тука некогаш…како пешки за повеќе од 3 часа се одело за Ресен преку планината, како главно смилевци се познати како ѕидари…а денес никој не оди пешки до Ресен и Преспа, а за ѕидање и мајсторлок работат само за себеси.
Жените се познати по својата комат-пита, тури-потпечи и смилевски гулаш. А мажите, освен за ѕидање, имало и познати терзии кои ја правела прочуената смилевска носија, велат најскапа во Македонија, која е мијачка носија, но има разлика во везот, со исто така надалеку прочуената галичка носија.
На сретсело го среќаваме Благој, кој оди да наполни вода од селската чешма која е всушност некој лековит извор. Го прашуваме какви обележја има поврзани со Илинденците и каде е куќата на Даме?
Разочарано ни зборува како тој мал простор во кој се гробиштата, пропаѓа. Ни објасна во кој правец да одиме кон куќата, на спротивната страна од селото. И ни кажа дека биле во роднинска врска со Груеви.
Ние воодушевени, за него веројатно нормална работа.
Нема никакви обележувања по патеката која се разделува во други селски сокаци. Една беше жолтата куќа, која Благој ни ја посочи. Така што не ја промашивме.
Пристигнавме.
Владее некој мир.
Има знаме и една табла.
Замислуваш историја за еден човек, за една идеја, за изгубен живот….негов и на редица други.
Тргнавме низ селото назад…забележавме дека од оваа страна при погледот кон селото, на средина доминира веројатно засадена од човечка рака, една жална врба.
Има вистина и легендата со имињата на тројцата браќа, но и онаа за цветот смил….мила и питома средина, на луѓе со долга историја.
Село кое си го чува во срцето пламенот на историјата, а истовремено се бори да опстане.
Во него се живее со малку, а се сонува со многу.
За некоја неизвесна иднина.