1.5K
Светот познава одамна изгубени градови.
Од Помпеја до Мачу Пикчу.
Откриени во новите времиња, станувајќи рудници со богатства за истражувања на археолозите и точки на интерес за патувачите.
И нашата почва по која газиме треба да познава изгубени градови, на кои археолозите ќе му вдишат нов живот.
Еден таков град, откриен во 1924-тата, па заборавен…па повторно откриен во 1953-тата….па оставен во долг зимски сон до 1993-тата….и така до денес во некоја хибернација, се наоѓа на само неколку километри од Прилеп.
Тоа е античкиот град Стибера.
Она што денес можете да ги видите таму, како ископини се наоѓа на ритчето наречено “Бедем”, среде мочурливата рамнина на Пелагонија, а некои истражувачи тврдат дека древниот град зафаќал 13 хектари, значителна површина за една античка населба.
Стибера е веројатно македонскиот камен на боговите, на христијаните и на животот по животот.
Ако се загребе по некои објавени документи, ќе прочитате фасцинантни археолошки наоди, меѓу кои и факти за прекрасно зачувани скулптури, храм на божицата на судбината Тихе, гимназион, жртвеник….и тука застануваме со набројување, зошто тоа се единствените откриени градби до денес.
А Стибера бил величенствен град кој не враќа во 200 година од пред нашата ера. За него пишувале античките историчари Страбон, Ливиј и Полибиј.
Го споменувале и географи. Го пребројувале војсководците, зошто во неговиот зенит имал дури 20,000 слободни жители подготвени да се борат, без да се бројат робовите….
И плетеме приказни базирани на некои повторно научни студии кои велат дека во Стибера доаѓале македонските кралеви, Филип V и неговиот син Персеј.
Десеттици статуи во природни големини се пронајдени тука само при едно ископување, но денес не се на тлото на Стибера, треба по нив да трагаме во музеите тука, а веројатно и по светот.
Поглед на пределот, ви носи асоцијации од некоја измислена разгледница. Ја гледате Црна Река и нејзината притока Блато.
Ги затварата очите и ја гледата древната река Еригон, со левиот брег на притоката која се претвара во мочуриште.
Ги отварате очите, десно од вас е денешното село Чепигово, ги затварате очите и знаете дека ова село е изградено врз темелите на некогашната Стибера.
Каква е Пелагонија во светлината на археолошките наоди?
Повеќе од древна!
Возиме назад кон архајскиот период, кој допира до 6 век од пред нашата ера. И археолозите запишале во тие нивни детални студии од 50 години на минатиот век, дека вазните и монетите најдени тука се доказ за овие тврдења.
А монети?
Пронајдени се секакви. Со ликови на македонските кралеви, од различни периоди, со различни вредности. Во овој развиен град, живееле уметници кои од плетварскиот мермер правеле вистински ремек дела од скулптури и столбови, имале леарница во која лееле чаши со украси, имале и крематориум.
Место на кое се градела цивилизацијата, место на кое Пелагонците и Пајонците создавале живот, место каде што се создавала уметност и се водело грижа за естетика на живеењето, место за одмор на војските, место од каде се земало житото, место кое не било само обична населба, туку град…главен град на областа Девриоп и доволно голем за да смести поголема војска, да ја ослободи од пленот, да ја нахрани, напои и да и најде место за одмор.
Зошто ништо досега не сме знаеле за Стибера?
Или подобро прашање би било, кој ја заборави Стибера?