Те чекам во Сопотско

Пред петнаесеттина години во Скопје работеше еден мошне популарен мезе бар. Со едноставно, но мистично име – Сопотско.

Сме слушнале многу претпоставки за потеклото на името, од тоа дека е француско, па дека претставува кованица од повеќе зборови, некое странско презиме итн.

А одговорот беше мошне едноставен.

Тоа е име на село во ресенско, од каде потекнуваше еден од тогашните газди.

 

 

А Преспа, речиси и да нема село кое не е убаво. И секое си има некој свој белег.

Сопотско е оддалечено пет – шест километри од Ресен. Уште на почетокот ќе ве пречекаат голем број јаболкови насади, колку да се сетите каде се наоѓате.

Добивате впечаток дека ова е живо село, но сепак бледа копија од она што било порано. Ако на почетокот од XX век броело 500 жители, со последниот попис нешто повеќе од 200, но сега веројатно и тој број е намален. 

 

 

Внатре, дел стари куќи со автентична архитектура, дел реновирани, но и по некоја новоизградена и модерна, веројатно на некои од големиот број преспани кои живеат во дијаспората. Дека селото имало свое минато говори и споменикот на сретсело, поставен од Општинскиот одбор на СЗБ НОВ Ресен, а во чест на двајца загинати партизани во НОВ, по потекло од тука. До споменикот, поставена и биста од уште еден борец, Стерјо Ѓорѓиев, загинат 1942, кој исто веројатно потекнува од селото. Оваа партизанска естетика е заокружена со мурал од борци, нацртани на ѕидот во позадина, што претставува напуштена училишна зграда. Од околу, напуштено бифе, обраснато фудбалско игралиште, полу срушена училишна зграда, но и една мала, ама живописна река која минува низ селото и е наречена по него – Сопотска.

Во селото, освен неколкумина земјоделци на трактори, не’ пречека и еден весел младич, кој среќно и задоволно ни откри некои детали поврзани со селото. Се стрча кон нас, како да сме долго очекувани гости, кои требало да пристигнат секој ден, но сепак, со месеци ги немало. Како и сите добронамерни луѓе од село кои не’ пречекуваат, не’ покани на кафе, кое за жал моравме да го одбиеме, зошто не’ чекаше уште пат пред нас.

Ако некогаш ве води патот до Ресен, тркнете до Сопотско, на само неколку километри од Ресен, во прегратка на шумите од Бигла, со живописна природа и добри луѓе.

You may also like

Leave a Comment