Како би ги поврзале познатиот монтипајтоновец Мајкл Палин и нашиот Милчо Манчевски?
Одговорот е уште поневеројатен од самото прашање, затоа што точката која ги поврзува е волшебниот манастир Трескавец. Едниот, после завршувањето на кариерата со легендарната англиска трупа Монти Пајтон, се посветил на обиколување на светот и откривање на неговите скриени убавини. Па така, во својата книга „Пат околу светот за 80 дена“, неколку страни посветил и на Македонија и тоа само на две места. Едното е Охрид, а другото Трескавец. Истата магија на овој манастир ја почувствувал и нашиот режисер Манчевски, доловена уште во првите кадри на неговото монументално дело „Пред Дождот“.
А тој се наоѓа на 1300мнв, издигнат над Прилеп, веднаш под Златоврв, опкружен со карпести предели, од каде изникнува.
Сега се враќаме назад во времето. Некаде во XIII век, кога бил изграден. Еден век подоцна, бил разрушен, па денес може да се видат знаци од неговото обновување во 1430 година, кога е насликана Богородица, во нишата над вратата од јужната страна. Од XVI век потекнува олтарот на манастирот, а во трпезаријата може да погледнете фрески од XVII и XIX век, под кои се наоѓаат остатоци од фрескоживопис од XIV век. Во 1854 престојувал и Дичо Зограф, кој го насликал портретот на јероманахот Самоил.
Цела историја во толку мал простор која толку моќно делува.
Кога одите во Трескавец, ќе ве пречека монахот Калист, единствениот постојан жител тука.
Свесен за богатството кое тој треба да го сочува, исто како што го чувале многу генерации на монаси пред него. Мудар, начитан, современ и полн со знаење и убави зборови, спремен да го задоволи секое ваше љубопитство поврзано со ова место.
Сепак, искрено ќе ви одговори дека многу работи се’ уште не се откриени и објаснети, меѓу другото значењето на издлабените карпи и антички ѕидини пред манастирот, кои покажуваат дека таму имало живот и неколку векови пред новата ера.
До 2013 година, до манастирот се стигало многу тешко, затоа што бил недостапен за возила. Сега има асфалтен пат кој води дотаму, па за викенди ќе сретнете луѓе, дојдени да се помолат, да запалат свеќа, да поразговараат со Калист или само да се поклонат на ова свето место и да ја осетат неговата моќ.
Калист ни кажа дека еднаш се искачил на самиот врз од планината, каде е ставено златното јаболко, па оттука наречен и Златоврв. Неговото искуство не било најпријатно, зошто морал да се пробива низ карпи и камења, од каде многу лесно може да се лизнеш. Сепак рече, дека кога ќе се симнеш, воопшто нема да се каеш што си се качил. Ние Златоврв го оставивме за друг пат, доволно ни беше неколкучасовниот разговор со монахот, а вака ќе имаме и причина плус да му се навратиме, затоа што тука се роди нашата идеја за овој блог.
Затоа што времето никогаш не умира, а и кругот не е тркалезен, нели?