Манастир кој го прегрнуваш со срцето

Мариово, прошетај го повеќе пати, отвори ги очите широко, за да ја запомнеш таа сирова убавина.
И колку пати да му се навраќаш е малку.
Зошто, постојат убавини на кои можеш да му се воодушевуваш повторно…и повторно.
И да откриваш нови агли на кои го гледаш, а низ нив да откриваш некои нови сосем неоткриени делови, иако сметаш дека си видел доволно.
А Мариово, тоа секогаш те демантира.

 

Еве ние повторно се враќаме тука, во еден нов ден во кој одлучуваме еден сокриен крај од големото Мариово, да го доживееме поинаку од претходно.
Овој пат му доаѓаме на точак.
Пролет е, цвет до цвет и лисја кои ѕиркаат од секое скромно дрво, а падините се зелени многу кратко во овој крај, зошто нема многу дрва па зеленото станува златно жолта површина и така е до есен.
Така што пролетта во Мариово е исклучително кратка.
Одредница ни беше мариовското село Манастир.
Сакавме, ако имаме шанса да слушнеме лекција од историјата на уметност, која не можевме да ја најдеме во учебниците.
А сакавме да ја знаеме.
И е поврзана со еден манастир сместен во селото Манастир.
Ова село има само двајца жители.
Сместено е во познат мариовски пејзаж.
Куќите се наредени како скаменети бранови по падините, кои пак личат на зелено море. Напуштени се, а паметат веројатно ведри времиња тука, кога се случувал живот.
Денес градбите се обрастени во грмушки и бршлени кои се зафатиле на камените ѕидови како прстите на раце во љубовен стисок, како да не сакаат да се срушат овие куќи, некогаш градени во слога.
Низ редици куќи, ја забележавме камбанаријата, на која душата ни се израдува.
Тоа е знак дека сме блиску до манастирот Св.Никола што е подигнат  на широко карпесто плато, а на стотина метри западно од црквата почнува големиот кањон на реката Црна.
“…… “Св. Никола” во Манастир е значаен споменик на културата од византискиот период, кој содржи извонредни фрески, какви што се Св. Богородица со ангелите и Св. Никола, изработени во првиот период од византиското владеење. Ваквиот тип сликарство е многу редок и е застапен само во црквата во “Св. Ѓорѓи” во Курбиново и во “Св. Софија” во Охрид…” стои на Гугл кога ќе ја истражувате оваа црква.
Но доаѓањето тука, Ви отвара нови перспективи дека реално има светилишта на ова тло, кои имале далеку поголемо значење во едни минати времиња, а ние им се враќаме денес како на заборавени патеки.
Доаѓањето тука, ни отвара прекрасна средба со дел од братството на Манастирот кои низ љубезен и смирен збор ни  ја раскажуваат историјата, за возобновувањето на монашкиот живот пред повеќе од деценија и за тлеење на тој тивок огин во овој духовен центар во Мариово, кој е продолжение на една посебна историја.
Изградбата на црквата „Св. Никола“ во Манастир, е поврзана со ктиторството на еден висок царски достоинственик од византискиот двор. Тоа го покажува еден од натписите кои и денес можат да се видат во внатрешноста на црквата на еден од нејзините ѕидови.
Во едно научно истражување на авторите Димче Коцо и Петар Миљковиќ-Пепек за селото Манастир, издадено на Филозофскиот факултет во Скопје далечната 1958 година се објаснуваат детали кои ја отвараат важноста на оваа градба.  На натписот на јужниот ѕид од централниот кораб на трикорабната базилика, стои дека црквата од темели ја подигнал протостраторот Алексиј, вујко или стрико на императорот Алексиј Комнен, во 1095 година и ја посветил на Св. Никола. Во натписот се споменува уште едно име. Тоа е Кир Јоаникиј, кој се закалуѓерил и го добил името Акакиј. Акакиј е претставен во монашка облека на јужниот ѕид од северниот кораб во ктиторската композиција, каде во натписот кој се наоѓа на истиот ѕид тој е претставен како ктитор. Имајќи предвид дека во натписот за ктиторство од 1095 година се напомнува дека црквата е подигната од темели, а во самата црква и околу неа се среќаваат елементи од уште постара градба, споменатото не треба да се разбере како подигнување сосема нова црква, бидејќи голема е веројатноста од постоење постара црква на истото место, а не е исклучена ниту можноста за постоење на постар храм, од античко време.
Тоа го потврдува и следното пишување. “Извесно е дека тука постоела и ранохристијанска црква подигната од 4 до 6 век, на што упатува и еден вграден елемент од камен на северната страна на црквата, од надворешната страна над апсидата кој е регистриран и опишан од археологот Александар Миткоски во списанието „Македонско наследство“ бр.5, во текстот под наслов „Депоа за реликвии издлабени во карпа“. “
И вртиме со бројчаникот и напред и назад низ вековите и таман помисливме дека ги заборавивме претходните мисли за убавината на овој крај, домаќинот не потстетува дека се ретки посетите во овој крај.
Како заборавен е од светот.
Тоа многумина ќе речат им годи на монашкиот мирен живот, но да се погледне фрескоживописот кој е колоритен и со стил, близок до Константинополската иконографска школа, а фреските што датираат од 1271 година се едни од најстарите фрескоживописи во Македонија, навистина вреди секој миг и време потрошено да се дојде до тука.
Неазборавна е средбата со Св. Никола на сред Мариово.
Сакрална градба која страдала во Првата светска војна, ја газел и забот на времето, па и егзодусот на населението од овој крај кој некогаш броел села со илјадници население, а денес брои села без ниту еден жител.
Полни со импресии заминуваме оттука, слушајќи ги племенините зборови на домаќинот, размислувајќи за нивната хармонија во која живеат со природата, но и со љубов кон Бог.
Завршуваат приказните.
Се поздравуваме, ги земаме точаците за да одиме во нов поход.
Тишината ни кажува многу.
Зошто вакви тишини ретко се наоѓаат.
Се вртиме за последен пат кон Манастирот Св Никола сместен во селото Манастир на сред Мариово и шептејќи си рековме: ” Збогум остани, до следната средба”.

You may also like

Leave a Comment