987
Убавината на Галичица е во нејзините невидливи микропростори и врвови кои не се звучни како Магаро, но пружаат погледи на двете езера кои одземаат здив.
Нашата посеветеност на оваа планина ќе биде очигледна, а тоа е да се искачеме на секој нејзин врв.
Во тој неомвриски ден, наш беше Лакосигној.
Врв кој дефинитивно пружа чудесни панорами.
Не е воочлив, не е маркантен, не е многу посетен и некако неочекувано Ви излегува пред очите по неколку часови искачување.
Но, затоа наградата која ја добивате е бесценета.
Можеби сме субјективни, но Лакосигној со своите 1.984мнв пружа неверојатно отворен простор и бескрајни панорами на двете езера.
За него ќе слушате и преданија и легенди, за името, за сокриеното богатство, за францускиот коњак и за битките од Првата Светска Војна…не знаете што е мит, што е вистина. А и што е тоа битно?
Патеката е скромно обележана, маркациите се избледени, разорувачкото дејство на човекот се гледа на една недефинирана градба блиску до врвот, која изгледа како засолниште, демолирана планинска куќа, напуштен репетитор…не разбравме.
Галичица го има тој неверојатно атрактивен пуст амбиент, на планина без шуми. Ова беше наша четврта средба со оваа планина, но прва во ноември и прва по нова патека, кон нов врв.
Кралството на голи камени врвови, така ја доживуваме Галичица.
Секогаш вратата и е широко отворена за најубавите погледи на езерата, но од Лакосигној тие погледи се маестрални.
И во тој доцен и краток ноемвриски ден, кој го исцедивме до брзиот залез кој значеше умирање на денот, само го засиливме впечатокот на вонвременската сурова убавина на Галичица.
И така си ја повторуваме констатацијата дека Галичица е неповторлива планинска убавица.
Вреди секоја нова средба со неа.
Се гледаме за брзо повторно на уште еден нејзин врв.