Татковината на Мијаците

Како да напишеш текст за Галичник, за кој пишувале многу патеписци, писатели, новинари, уметници …
И како да започнеш текст, а да не го цитираш големиот Петре М. Андреевски со она генијално напишано “Ако Македонија е библиска земја, Галичник е нејзината последна реликвија”.
Фактите се јасни: ова е родното место на Тешкото, овде било жариштето на македонската преродба, овде со родиле и се воспитувале зографите, овде сонувал Кузман Капидан за радост, болка, среќа и тага, овде се слушале ударите врз дрво на копаничарите, ова е татковината на Мијаците…
Галичник е село, што не личи на село.
Галичник бил град, обител… пред многумина да знаат што е тоа град.

 

Првата варијанта за потеклото на името „Галичник“ вели дека тоа е изведено од името на реката Галик која тече близу до Солун. Втората варијанта вели дека тоа е наречено Галичник по големиот број на „диви кокошки“ – галици, кои живееле на месноста над сегашната црква Св. Петар и Павле, која има јужна диспозиција.

 

Едно е јасно, кој еднаш бил во Галичник, ќе дојде и втор и трет….и секој следен пат додека може и додека дише.
Има нешто волшебно во тој сликовит пејзаж на камената архитектура, на смирението кое го носи погледот на покривите, ѕидовите и зеленилото наоколу.
Како некој елегичен копнеж кој се раѓа со некоја заборавена песна на Сариевски, која ви ѕвони во увото, а не ја слушате или пак ехото на убавиот тенор на Гугуловски.
Галичник е населен дворец блиску до облаците, на кој уметнички висини им дадоа Личеноски и Франговски.
А и денес погледот на Ѓорѓи Пулевски е упатен кон селото, како значаен потсетник дека тука се ставале темелите на првите реченици на македонски јазик и дека оттука е творецот на првата печатена мкедонска граматика.
Редиме имиња, простете што некои ненамерно ќе ги заборавиме, а некои не ги ни знаеме. Не ни забележувајте, слободно дополнте ја оваа низа.
Само така ќе покажеме почит кон ова жариште кое и денес во овој век, исправено стои. За него историјата се пишува во континуитет.

Неимарите  и архитектите од Галичник – им подарија драгоцени архитектонски објекти и структури на Македонија, па и на светот.

Галичката архитектура не се одликува со монументалност и со сјај, напротив, таа е скромна и искрена.

Но, она што ја прави посебна е претопот кој архитектурата го прави со пејзажот, нешто што го има во јапонските градини со храмови, хармонија која не може секој градител да ја постигне. Тоа се вонземски мајстории, за кои не се учи во книгите.

Но, кога зборуваме што тие градители им дадоа на светот, наидовме на податоци кои гласат вака:

“Ѕидарите и каменорезбарите од Галичник работеле на палатите во Версај, на мостовите во Будимпешта, на катедралата „Свети Стефан“, на големите хотели што гледаат кон Неаполскиот Залив, на кралските палати во Белград и во Букурешт, на мормонскиот храм во Јута, на Емпаер стејт билдинг на Менхетн…”

Во минатото Галичник бил населба со 700 куќи и со 5.000 жители. Денешната панорама, само потсетува на населба во која некогаш имало многу живот. Записите велат дека денес има мал број сочувани куќи кои се уште зрачат со енергија која едноствано не може да се опише со зборови.

Галичник е бајковита приказна.

Славен по својата свадба на Петровден.

По овците во неброени стада, по најубавото сирење и кашкавал, по резбите, по градбите, по песните….

Некоја необична раскрсница.

На која повторно и повторно животот и се враќа и тогаш кога мислиме дека го заборавила.

Во Галичник доаѓаш за да разговараш со себеси.

За да си поставиш прашања кои никогаш не си би ги поставил себеси.

Таа тишина создава вакуум, кој ти ги бистри мислите за да започнеш свој монолог во кој ќе признаеш дека можеби ова е последната релеквија на Македонија.

You may also like

Leave a Comment