Зимата официјално беше започната одамна.
Но, тој ден беше првиот ден во кој ова годишно време ни подари снег.
Во воздухот се чувствуваше мразот кој се спушта од околните планини Галичица и Илинска, на чии врвови се виореше магла како невестински превез.
Облечени во најтоплата облека наменета за зимски искачувања, полека возевме на регионалниот пат Охрид-Ресен, со една цел…да го посетиме селото Завој.
Отсекогаш не привлекувал знакот кој бил патоказ да се исклучиме од патот и да го посетиме ова село. Но, едноставно секогаш недостигаше време за уште нешто попатно….
За Завој не знаевме ништо, освен името кое ни беше онака интересно. Дали вистински селото е поставено како во некој завој?
И дали во еден ваков снежен ден ќе има некој во селото да си го запали селското огниште, па кога ќе пешачиме, ќе видиме некој оџак како отчукува бел чад од вжареното срца на некој шпорет Металец, Смедеревец или Алфа…и малку ќе ги загрее старите ѕидови на семејната куќа?
Да, убаво бевме изненадени во таа идилична зимска разгледница. Повеќе оџаци имаа сребрено бел чад. Селото, пријатно ушушкано помеѓу ридовите, како да не беше разбудено. А во куќите имаше луѓе.
На прошетката низ селото ни се приклучија пријателски настроени кучиња, цел чопор…како делегација која не води и ни го покажува селото. Фотографиравме стари куќи чии покриви беа покриени со првиот снег во оваа зима. Мразулци висеа од олуците, помошни објекти покрај куќите беа полни со слама. Да, ова е живо село.
Пресретнавме и неколку жители, кои вистински домаќински не поканија да им бидеме гости дома на топло, покрај печката да пробаме домашна греена ракија. Ни раскажаа дека во лето има многу повеќе жители, но и во зима, особено во викенди доаѓаат многумина да си ги видат куќите. Нема ден некој да не дојде, иако поголемиот број на жители го напуштило селото заради подобра егзистенција во соседните градови.
Горди се на своето потекло, многумина ги обновиле старите селски куќи, се радуваат на селската слава, а со нетрпение ги очекуваат Водици кога тука се слави традиционално.
Сонцето е тука, но мразот го заковал целосно селото кое е ставено во еден засек во планината, така што е прилично осојничаво.
Можеби оттука и името Завој.
Се искачуваме на највисоката точка од селото.
Таму очекувано е поставен манастирот.
Ладниот здив на зимата, носеше по некоја нова снегулка на тие минусни температури. Го набљудувавме селото од таа височинка и повторно заклучивме дека е сосем мирно и заспано во зимски сон. Веројатно зимата носи мир и тишина во Завој. Крик на петел ја прекинува тишината, додека белите неизвалкани јоргани од снег ги прекриле покривите на куќите во Завој. Село на питоми луѓе, кои сакаат неочекувано, но добронамерни гости.
Заминуваме…и мислиме на Завој.
И си повторуваме:
“Зима е.Стоплете се. Со дебело ќебе. Со големи џемпери. Со топли напивки. Со топли зборови. Со долги прегратки. Со искрени насмевки. Разбудете ја топлината во себеси и со неа загреј го и другиот свет. “